„Пак на слеп колосек“: Мицкоски најави запирање на изградбата на пругата кон Бугарија

На премиерот на памет не му паѓало „да потрошам 550 милиони евра за пруга која завршува во слепа улица на половина тунел“


Делот од пругата што веќе е завршен кај Куманово

 

Новата влада предводена од премиерот Христијан Мицкоски решила да го запре проектот за изградба на пругата кон Бугарија и парите да ги пренасочи кон други проекти, пред сѐ кон модернизација на постојниот ќелезнички Коридор 10 и за реализација на интерконекторот за пренос на гас со Грција. Ова Мицкоски го изјави во интервју за  Телма, посочувајќи дека додека е тој на чело на владата нема да прдолжи да реализира вакви проекти на претходниот кабинет.

Тој во емисијата „Топ тема“ на Телма се осврна на средствата од Европската унија кои се предвидуваат за Македонија во планот за раст и истакна дека министрите Муртезани, Муцунски, Божиновска, Андоновски, Димитриеска-Кочоска и Николоски за две недели го имаат завршено досието на државата, нешто кое што претходната власт две години не го направила.

Судбината на пругата кон Бугарија тој ја определи со лична одлука, дека само од него зависи дали ќе продолжи нејзината изградба.

„Имавме проблем со некои од обврските за кои знаевме дека не можеме да ги исполниме. Нашето досие е затворено и чекаме сега одобрување од страна на Европската комисија, затоа што дел од проектите кои ги презела претходната влада, на памет не ми паѓа да продолжам да ги реализирам. На памет не ми паѓа како премиер на оваа влада да потрошам 550 милиони евра за пруга која завршува во слепа улица на половина тунел, без предвидлива иднина како ќе биде понатаму до Црното Море, врз основа на црвен фидик, што значи со пенали може да дојде до 750 милиони евра“, истакна Мицкоски.

Тој рече дека планот е тие пари да се потрошат во модернизација на пругата на Коридорот 10 и како што посочи, „возовите наместо 30 на час да возат 100 на час и наместо три пати да биде намален буџетот на јавното претпријатие Македонски железници – Инфраструктура, да може три пати да биде зголемен и наместо после две години прв пат да имаме една оперативна локомотива, да купиме 5 нови и да имаме повеќе композиции на вагони кои ќе поминуваат во државата“.

Мицкоски исто така очекува со овие средства да се финансира интерконекторот за гас со Грција наместо да се бара ретендерирање или пролонгирање бидејќи тоа може само да ја поскапи цената на чинење.

„Наместо да се пролонгира или да ретендерира, очекувам да се реализира. Сега од финансиската институција велат дека требало да се ретендерира. Зошто? После девет месеци констатирале пропусти во тендерската документација. Сега тој е со една цена. Што доколку после ретендерирањето најповолната понуда е за 15 до 20 милиони евра поскапа? Како ќе излезам јас пред граѓаните?“, рече Мицкоски.

Минатиот месец министерот за транспрт Александар Николовски, побара Обвинителството да истражи зошто планираната трета фаза од пругата кон Бугарија ќе чини 24 милиони евра за еден километар пруга, откако државната ревизија откри дека се платени 4,6 милиони евра провизија поради доцнење со проектите.

Тогаш истече рокот за поднесување на понуди за тендерот од 560 милиони евра за изградба на 23,4 километри железничка пруга, информираше новиот министер. Тој обвини дека претходната власт го темпирала огласот за, како што рече, „најскапата пруга во светот“, да се реализира во период кога новата власт нема да може да направи некакви измени.

Според Николоски, делницата од 23,4 километри од третата фаза од Коридорот 8 од Крива Паланка до Бугарија ќе чини 24 милиони евра за километар.

„Се работи за железничка пруга која ќе минува среде град, буквално поминува среде Крива Паланка, ќе треба десетици или стотици куќи да се рушат, ќе треба да се иселува население, и најбитното, завршува во тунел кој што нема крај, затоа што според проектот и законите, предвидено е поврзувањето со Бугарија да оди преку тунел, кој што може да се изгради само до границата со Бугарија“, рече Николовски.

Пругата кон Бугарија беше дел од ревизорскиот извештај за јавните инвестиции при што од страна на ДЗР беше посочено дека проектите за изградба на железничката инфаструктура во првата и втората фаза кон исток се започнати уште во 1996 година и се уште не се завршени. Исто така, во извештајот се вели дека фазата на планирање и подготвување на проектот трае предолго и постои голем ризик од губење на ИПА грант средствата во износ од 60,7 милиони евра и идни фискални импликации поради потреба од обезбедување на дополнителни средства од Буџетот на државата.

Пругата кон Бугарија почна да се гради уште пред триесетина години, кога Македонија беше блокирана од страна на  Грција, а Србија беше под меѓународни санкции, па нашата земја имаше тешкотии да набавува потребни енергенси. Но, сите влади до сега проектот го ставаа на страна и речиси редовно ги пренаменуваа предвидените средства во буџетите.

Минатата влада го стави на брза лента. На крајот на декември минатата година беше објавен тендер за последната делница од пругата кон Бугарија, а рокот за изградба беше 5 години.
Рокот за доставување на понудите беше 28 март 2024 година. Делницата од Крива Паланка до Бугарија е долга 27,5 километри, а вклучува 22 тунели во вкупна должина од околу 9 километри и уште 52 мостови/вијадукти во должина од 5 километри. Предвидено е да се изгради железничка станица во Крива Паланка, како и станица во с. Жидилово.

Парите за оваа делница, како што беше соопштено тогаш, над 500 милиони евра, беа обезбедени и тоа по 175 милиони евра од Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), 149,2 милиони евра како инвестициски грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан (ВБИФ) и 60,2 милиони евра од ИПА 2 програмата на ЕУ.

Како што беше посочено, во Македонија не постои друг проект којшто добил толку големи финансии од ЕУ за да се спроведе неговата реализација. Но, параралелно со ова од ЕУ постојано пристигнуваа критики за брзината на реализација на пругата кон Бугарија. Инаку, железничка пруга во Бугарија има до последното место пред границата, Ѓуешево, и се потребни многу помалку пари за позврзувањето со Македонија.

Првата делница од пругата е во должина од 31 километар, и беше предвидено да чини 40,5 милиони евра, а втората делница е во должина од 34, треба да има две железнички станици и три стојалишта, а требаше да чини 155 милиони евра.

До сега беа пробиени многу рокови за изградба на пругата. Според меморандумот од 2017 година таа требаше да биде готова до 2025 година.

Инаку, според една студија на ЕБОР од 2012 година, проектот значително ќе влијае врз социо‐економскиот развој во североисточниот регион на Македонија, во Македонија и во Југоисточна Европа, резултирајќи со одржливи придобивки за населението, бизнисот и економиите во овие области.

Конкретните цели на проектот вклучуваат: намалување на времето на патување меѓу Скопје и Софија со железница за околу 1 час во однос на сегашното време на патување, намалување на времето на регионално патување меѓу Куманово и Крива Паланка со железница за приближно 35 минути од сегашното време на патување од приближно 50 минути со патен сообраќај, кратење на железничката врска помеѓу Македонија и Црно Море за приближно 200 км,; кратење на железничката врска помеѓу Македонија и Истанбул за приближно 150 км; и зголемување на капацитетот за превоз на товар со тоа што ќе се добие капацитет за минување до 10 товарни возови во секоја насока, што е еквивалентно на 400 патни камиони.

Од бугарска страна сепак, плановите за изградба на пругата не соодветствуваа со оние од македонска, иако Европската комисија уште во 2022 година ја одобри првата голема инфраструктурна програма за Бугарија за периодот 2021-2027 година.

Официјален Брисел за програмата „Транспортно поврзување“ ќе ѝ додели на Бугарија 1,61 милијарда евра. Еден од најважните инфраструктурни проекти коишто треба да се градат е железничката пруга по коридорот Ориент/Источен Медитеран, односно Коридорот 8. Како што пишуваа тогаш бугарските медиуми, Бугарија најдоцна до 2027 година ќе треба да ја изгради и да ја рехабилитира железничката пруга од Ѓуешево на македонско-бугарската граница преку Ќустендил, Перник и Радомир до Софија. На тој начин, ќе се овозможи до овој временски период целосно да се заврши изведбата на железничката пруга меѓу Софија и Скопје и да се овозможи патнички и товарен железнички превоз меѓу двете земји.