Провладините медиуми во Србија го нападнаа и Ѓоковиќ поради поддршката на еколошките протести


Новак Ѓоковиќ мораше сам себеси да се протолкува за таблоидите да ја сменат матрицата

Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ ги поддржа еколошките протести во Србија, по што како по некое непишано правило веднаш следеше напад во провладините таблоиди. И врз него и врз неговото семејство. Кога се огради од политиката, таму почна друга приказна.

Таблоидите тврдат дека во групата на „лажни екологисти“ се приклучил и Новак Ѓоковиќ.

„Новак Ѓоковиќ долеа масло на измамениот народ со својата поддршка за ‘еколошкиот’ собир, кој е зет на Вера Ристиќ, сопственик на компанијата ‘Еко глобал’ и со сите сили се бореше бесправно да изгради мини-хидроцентралите и да ги уништи српските реки и природата“, објави порталот „24седам“.

Новак Ѓоковиќ мораше сам себеси да се протолкува и да објасни за таблоидите да ја сменат матрицата. Во подолг текст на Инстаграм тој, меѓу другото, напиша: „Сакам да се оградам од ‘позицијата’ и ‘опозицијата’, политичките струи од секаков вид. Отсекогаш сум се трудел да бидам аполитичен. Мене ми пречи што човек не може да го искаже својот личен став и мислење за основните елементи за животот и здравјето како што се воздухот, водата и храната, а да не биде етикетиран како левичар, десничар, опозиционер, демократ, прогресивен, социјалист итн.“

Долгото објаснување на Ѓоковиќ на Инстаграм во кое вели дека е „аполитичен“

Секоја влада, вклучително и Српската напредна странка, се плаши дека Новак Ѓоковиќ ќе биде на спротивната страна, смета новинарот Миленко Васовиќ. „Новак треба само да биде ‘елиминиран’ и истиснат од Србија, зборувам од позиција на власта, затоа што може со еден потег да направи ‘брејк’ и сега владата е во страв. А Новак е добар пример, бидејќи по него се огласија и некои други“, вели Васовиќ.

Поддршка во борбата за животната средина дадоа и српските олимписки шампиони Милица Мандиќ, Јована Прековиќ, фудбалерите Мирко Иваниќ, Мијат Гаќиновиќ, Вујадин Савиќ, кошаркарот Немања Недовиќ и други.

Спортистите се жртви на манипулации од опозицијата, смета власта. „Не манипулирајте со изјавите на овие луѓе, со сосема природната желба на луѓето, спортистите, актерите да сакаат да живеат во здрава средина. Тоа е она што сите го сакаме. Нема смисла да се злоупотребува за политички цели“, изјави пратеникот на СНС Владимир Ѓукановиќ.

Покрај Ѓоковиќ и другите спортисти, поддршка за еколошките протези дадоа и актерите. Светлана Бојковиќ, Горица Поповиќ, Весна Чипчиќ, Анита Манчиќ и други вчера ја посетија долината Јадар каде е планиран рудник за литиум и на мештаните им порачаа – вие не сте сами во оваа борба.