Проверка на дипломите на вработените во Владата на Федерацијата БиХ

Генералниот секретаријат на Владата на Федерацијата Босна и Херцеговина денеска започна со ревизија на дипломите на вработените во федералните органи на власта, во јавните претпријатија и во фирмите во кои државата е мнозински сопственик.

Покрај на вработените, ќе бидат проверувани и дипломите на сите членови на федералната Влада, на нивните советници и на останатите државни службеници.

Секретаријатот веќе почна со испраќање дописи до образовните институции за проверка на веродостојноста на дипломите што ги доставиле вработените службеници, а некои од нив веќе одговориле на барањата.

Генералниот секретаријат изрази задоволство од ваквата соработка со високообразовните институции, оценувајќи дека тоа е доказ оти образовната заедница ги поддржува владините напори за разоткривање на евентуалните злоупотреби на образовниот систем.