Проверете колку ќе плаќате за струја со блок тарифи – од денес достапен калкулатор за споредба на сметките


Од денеска на веб страницата на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги ( www.erc.org.mk ) е достапен калкутарор со кој секој граѓанин ќе може да направи споредба за сметките за струја меѓу постојниот и новиот предлог тарифен систем со блок тарифи за високата тарифа, односно за скапа струја. Калкулаторот е достапен на следниов ЛИНК

„Со калкулаторот секој потрошувач може да си провери што би значело потрошувачка во блокови, а што би значело постојна ситуација и при тоа самиот калкулатор ќе покажува каква е разликата“, рече на прес конференција претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, кој заедно со професорот Рубин Талески од ФЕИТ го презентирае калкулаторот за новиот тарифен систем за универзалниот снабдувач со електрична енергија.

 

 

Професорот Талески посочи дека согласно пресметките на Машински факултет за загревање на просечен стан од 60 квадратни метри по сезона просечно се потребни 6.500 киловат часови електрична енергија доколку се грее со термо печка или греалки, ако е на колективна топлинска пумпа околу 2.150 киловат часови, а со инвертер клима околу 2.400 киловат часови.

„При тоа потрошувачката не е исто распоредена во сите месеци, туку е најголема во декември, јануари и февруари кога потрошувачите согласно сегашниот модел би биле во втората и делумно би влегле во третата блок тарифа. Доколку се во првата блок тарифа би плаќале пониски сметки отколку по постојниот тарифен систем, ако се во втората речиси исти, а во третата и четвртата повисоки, посочи Талески. 

Тој рече дека во забелешките се бара значително промена на границите на блоковите и додаде дека со постојниот модел со четири блока нема да се зголемат сметките за потрошувачите што трошат до 850 киловат часови струја месечно.

Инаку, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги во текот на наредната недела ќе одржи уште една јавна дебата за новиот тарифен систем за универзалниот снабдувач по што ќе ги дефинира рамките на опсегот на четирите блок тарифи за високата дневна тарифа на електричната енергија и ќе се донесат измените на тарифниот систем, најави Бислимоски.

„Остануваме отворени за сите забелешки и сугестии кои може единствено да одат само во насока на зголемување на опсегот на блоковите, а не на намалување. Во текот на наредната недела ќе се одржи уште една јавна дебата по што ќе се донесе одлуката за промена на тарифниот систем, а потоа и одлуката за новата цена на електричната енергија што ќе важи од 1 јули“,  рече Бислимоски.