Проверете дали УЈП точно ви пресметала персоналец


Граѓаните треба да ги проверат своите корисничките профили на Управата за јавни приходи за да видат дали е точна даночната пријава за персоналец за 2018 година, што првпат годинава ја пополнува Даночната управа. УЈП информираше дека во тек е доставувањето на претпополнета Годишна даночна пријава, што ќе трае до крајот на месецов.

Даночните обврзници – физички лица треба да влезат во својот кориснички профил, кој го регистрираа на системот „е-Персонален данок“, и до крајот на мај имаат рок да ја потврдат или коригираат претпополнетата Годишна даночна пријава.

„До истекот на крајниот законски рок, граѓанинот може да го менува статусот на пријавата, односно да ја потврдува или коригира се до истекот на крајниот рок 31.5.2019 година. По истекот на законскиот рок на 1.6.2019 година, Годишните даночни пријави ќе добијат статус на конечни даночни пријави, согласно последниот статус на Годишната даночна пријава – потврдена или коригирана“, соопшти УЈП.

Оние даночни пријави што граѓаните нема да ги потврдат или да ги исправат, УЈП службено ќе ги потврди на први јуни. Пријавите во кои граѓаните интервенирале, потоа треба да бидат одобрени од УЈП. Ако УЈП не се согласува со внесените податоци од граѓанинот, тогаш ќе донесе решение за утврдување на персоналниот данок на доход за 2018 година.

Во системот е-персонален данок се регистрирани над 650.000 граѓани. Оние што се уште тоа не го сториле, УЈП апелираше да го сторат што побрзо, затоа што друг начин да добијат даночна пријава за остварените приходи во 2018 нема.