Проверено: Тимчо Муцунски не е меѓу првите седум министри од Европа кој разговарал со Марко Рубио во Стејт департментот


 

На секој политички успех треба да му се додаде уште нешто за да изгледа поголем. Така премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави „Тимчо Муцунски е помеѓу првите седум министри за надворешни работи од Европа кој што на билатерално ниво беа примени од страна на Државниот секретар Марко Рубио во Стејт департментот во САД. Средбата траела околу 45 минути“. Само што Муцунски не бил меѓу првите седум министри.

Нема никакво сомнение дека секоја средба на кој било министер за надворешни работи од македонија со кој било американски државен секретар во Стејт департментот е важна сама по себе поради малата важност на Македонија во светските работи. Така беше и со оваа на 29 мај, на која се потврдија одличните односи меѓу двете земји, но на која Рубио побарал од Муцунски Македонија да работи да издвојува пет проценти од БДП за НАТО.

Тимчо Муцунски не беше седмиот министер од Европа, туку единаесеттиот со кого Рубио разговарал во Стејт департментот. Архивата на Стејт департментот што се однесува на државниот секретар е прецизна, лесно достапна и едноставна. Само треба малку трпение да ги погледате сите датуми од 21 јануари наваму откако Марко Рубио стана државен секретар. Таму се пишува за средби, настапи во медиумите, честитки, телефонски разговори и други комуникации.

Според овој преглед пред Тимчо Муцунски во Стејте департментот на разговори дошле:

21.02. – полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски

28.02. – министерот за надворешни работи на Велика Британија, Дејвид Лами

28.02. – министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис

04.03. – министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто

25.03. – министерот за надворешни работи на Турција, Хакан Фидан

10.04. – министерката за надворешни работи на Финска, Елина Валтонен

01.05. – министерот за европски и надворешни работи на Франција, Жан-Ноел Баро

17.05. – министерот за надворешни работи на Италија, Антонио Тајани

22.05. – министерот за надворешни работи, Европската унија и соработка на Шпанија, Хозе Мануел Албарес

28.05. – министерот за надворешни работи на Германија, Јохан Вадефул

Со поголемиот дел од овие министри Марко Рубио разговарал неколку пати по телефон, а со многу други министри од Европа комуникацијата била телефонски. Американскиот државен секретар има многу светски работи, па со повеќе шефови на дипломатии од државите од Северна и Јужна Америка се слушал и гледал по неколку пати, како и со повеќе колеги од Азија.