Протоколот за крвна плазма готов, засега ни еден пациент нема потреба од него


Фото: Б. Грданоски

Протоколот за лекување со крвна плазма е изготвен, но засега кај ниту еден пациент не е препорачан овој вид на лекување.

Ова го истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање на МИА за тоа кога ќе почне лекувањето со крвна плазма.

-Готов е протоколот. Засега колку што знам кај ниту еден пациент не е индицирано такво лекување. Има некои други терапевтски протоколи коишто се спроведуваат во однос на третманот, пореметувањето на крвта во склоп на третман на другите органски системи, како зајакнување на функцијата на тромбоцитите, подобрување на коагулационите карактеристики на крвта, но досега нема индикација за плазма, одговори Филипче.

На прашањето дали се размислува да се даде можност за лекувања со алтернативна медицина на пример со хомеопатски лекови кои веќе помогнале да се излекуваат болни во некои земји, Филипче нагласи дека ние нашата медицина ја темелиме на медицината базирана на докази.

– И тоа пред се се однесува за овие најтешките пациенти во одделите за интензивна нега заради тоа што кога има една, друга форма на манифестација па кога една компликација се накалемува на друга компликација навистина нема никакви искуства други освен тие коишто со години ги практикуваме или ги користиме на нашите пациенти. Во однос на овие други алтернативни методи ние во тие прво немаме искуство и второ, морам да кажам дека мора да бидеме внимателни. Сега се публикува се и сешто и не сме сигурни дека тоа што се публикува е навистина така, рече министерот Филипче.

Тој на ја исклучува можноста хоспитализираните заболени од Ковид – 19 да плаќаат партиципација за болничкото лекување.

-Со одлука на Влада ги покриваме трошоците за сите кои не се здравствено осигурани, но можно е да земеме во предвид и плаќање на партиципација. Ќе направиме финансиска конструкција. Тоа може за неколку дена да биде завршено, рече Филипче во одговор на прашање на денешната прес-конференција.