Протоколот, можеби, нема да биде познат ни денес
Македонскиот министер за надворешни работи некаде околу 9 часот по македонско време дојде во бугарското министерство за надворешни работи на разговори со неговата бугарска колешка Теодора Генчовска по кои треба да се потпише двостраниот протокол меѓу двете земји. Со овој протокол треба да се конкретизираат мерките од Договорот за добрососедство од 2017 година и првиот протокол од 2019 година.
Според она што го јави Бугарското национално радио, Османи го откажал учеството на заедничката прес-конференција, па некаде околу 10,30 часот по македонско време изјава за новинарите треба да даде само Генчовска.
БНР јавува дека содржината на овој протокол нема да биде објавена денеска – тоа се очекува да се случи во наредните денови, најверојатно по утрешната средба на амбасадорите во ЕУ во Брисел.
Познато е дека документот е на најмалку 10 страници и содржи конкретни мерки и рокови за обете страни. Според она што синоќа го кажа Османи на брифинг со новинарите предвидено е заедничко чествување на историски ликови и настани, како и промена на учебници, но за сите такви промени ќе одлучува мешовитата историска комисија, и притоа за промените ќе треба да се согласат сите седуммина нејзини членови. За работата на историската комисија не се поставени рокови, туку има само охрабрување научниците што побрзо да ја завршат работата за средновековниот период.