Противникот на Јанчев за Кавадарци: Не е сѐ од ВМРО лошо за СДСМ, ниту сѐ од СДСМ лошо за ВМРО


Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, кој е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ го помина вчерашниот ден, правдајќи се за присуството на партиската трибина на СДСМ во неговиот роден град. Тој тврди дека нема намера да го смени дресот, од матичната партија му порачаа оти треба да е свесен за своите постапки, додека власта е задоволна што Јанчев им дал легитимитет на политиките што ги водат и ги повикаа и останатите граѓани да се придружат на „правиот пат“.
Навидум безопасниот јавен потег на успешниот бизнисмен ја вжешти политичката сцена за само неколку минути откако се појавија фотографиите од „предавството“.
„Не, не преминувам во СДСМ. На трибината присуствувам како одговорен градоначалник, сакав да ги слушнам плановите на власта, односно на конкурентската партија за нашиот град, да видам што имаат да понудат и да го извлечеме најдоброто за граѓаните“, коментира Јанчев, кој пред точно една година беше разрешен од потпретседателската функција на ВМРО-ДПМНЕ.


Тој вели дека наместо да седиме дома и само да критикуваме, потребно е да се соработува со власта, затоа што на тој начин и општината ќе има корист.
Кавадаречкиот градоначалник посочува дека претставниците на СДСМ најавиле дека ќе се гради нов граничен премин со Грција, како и заобиколница. Тој им префрлил дека се доцни со ветената гасификација, а го интересирало и кога лозарите ќе ги добијат субвенциите. Јанчев нагласува дека луѓето не ги дело по ниту една основа, па и политичка и заклучува оти општините можат да одат напред само доколку соработуваат со владата.
Кавадаречкиот градоначалник уште еднаш повтори дека нема да формира партија по несогласувањата со водството на ВМРО-ДПМНЕ, но напоменува оти нема да учествува во кампањата за престојните претседателски избори.
„Секој одговара за себе, но мора да е свесен за своите постапки“, кусо коментираа во ВМРО-ДПМНЕ.
На прашањето зошто не го поканиле Јанчев на неодамнешната прослава во Прилеп на Денот на револуционерната борба, од партијата одговорија оти официјален повик добиле единствено најтесното раководство, а оти можело да дојде секој што ќе посака.
Пратеникот на СДСМ од Кавадарци, Бетиан Китев, кој во 2017 година ги загуби локалните избори токму од Јанчев, на завчерашната трибина седеше блиску до градоначалникот.
„Мислам дека станува збор за иделошка амалгама, која што се создаде во изминатиот период меѓу СДСМ и Јанчев. За нас е важно што тој со своето присуство ги легитимираше и верификуваше нашите политики. За нас како партија тоа е исполнување на ветеното за инклузивност и широкоградост кога се во прашање важни прашања и настапи. Во тој контекст, не гледам ништо спорно во неговото присуство на партиска трибина на СДСМ“, вели Китев за „Независен“.


Тој посочува дека со Јанчев има коректен однос и редовно се сретнува со него кога во парламентот се во прашање теми што се важни за Кавадарци.
„Во политиката нема вечни пријателства и непријателства. Сметам дека треба посветено да работиме на разбивање на политичкиот анимозитет меѓу партиите што кулминираше изминатиов период“, подвлекува Китев.
На прашањето дали сега можеме да очекуваме градоначалникот на СДСМ од Куманово да присуствува на саботната партиска трибина на ВМРО-ДПМНЕ во овој град, Китев одговара оти можеби е време да се менува менталитетот и дека омаловажувањето на политичките противници не може да донесе ништо добро.
„Не мислам дека сѐ што е од ВМРО-ДПМНЕ е лошо и обратно: сѐ што е од СДСМ да биде лошо за ВМРО-ДПМНЕ“, заклучува Китев.
На трибината на СДСМ во Кавадарци свои обраќања имаа потпретседателот Оливер Спасовски, членот на Централниот одбор, Трајан Димковски и вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.
Јанчев беше сменет од потпретседателското место во најголемата опозициска партија веднаш по изненадувачкиот пресврт во Собранието и одважувањето на седум пратеници од ВМРО-ДПМНЕ (плус еден од Социјалистичката партија) да го поддржат Преспанскиот договор. Разрешувањето беше објаснето со дејствување спротивно на интересите на ВМРО-ДПМНЕ и на Македонија, заради силна соработка со Зоран Заев, како и организирање на група за притисоци, уцени, закани и поткуп на пратеници од опозицијата да гласаат за уставните измени, при што биле користени најниски методи.
Всушност, недоразбирањата меѓу него и Христијан Мицкоски, односно другите водечки луѓе во партијата кулминираа откако Јанчев јавно се заложи ВМРО-ДПМНЕ да учествува на референдумот за името, па макар и со гласање против договорот со Грција што беше спротивно од тактиката на опозицијата за тивок бојкот.

Горан Адамовски