Противникот на Ердоган: Ќе донесам слобода и демократија во Турција


Кандидатот за претседател на Турција, Кемал Киличдароглу, кој е поддржан од опозициските партии, изјави дека доколку победи ќе донесе слобода и демократија во Турција.

„Младите сакаат демократија. Тие не сакаат полицијата да им доаѓа на врата рано наутро само затоа што нешто твитнале“, изјави Киличдароглу за Би-би-си.

Противникот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на изборите на 14 мај им порача на младите дека можат слободно да го критикуваат.

„Ќе се погрижам тие да го имаат ова право“, рече Киличдароглу, претседател на опозицискаta Републиканска народна партија.

Некои приврзаници на опозицискиот кандидат стравуваат за неговата безбедност, според Би-би-си, но Киличдароглу одговорил дека учеството во политиката во Турција значи избор на живот полн со ризик.

„Ќе одам по мојот пат што и да направат Ердоган и неговите сојузници. Тие не можат да ме исплашат. Јас го ветив тоа на мојата нација“, рече тој.

Говорејќи за британскиот јавен сервис, Киличдароглу рече дека ќе ја преориентира надворешната политика на Турција и ќе им даде приоритет на односите со Западот, а не со Кремљ.

„Сакаме да станеме дел од цивилизираниот свет. Сакаме слободни медиуми и целосна независност на судството. Ердоган не размислува така. Тој сака да биде поавторитарен“, посочи тој.

Кандидатот на опозицијата најави дека на сите избирачки места ќе имаат повеќе од еден набљудувач со што ќе се обезбеди безбедно пребројување на гласовите.

„Презедовме мерки на претпазливост за да го постигнеме ова, напорно работиме година и пол“, рече Киличдароглу.

Претседателските избори во Турција се закажани за 14 мај, а според анкетите на јавното мислење, Киличдароглу е во блага предност.