Против Вардариште денеска се маршираше од мостот до Општината (видео)


Со транспаренти, мегафон и многу побројни од претходните денови, жители на Аеродром и Ново Лисиче, денеска повторно излегоа да го изразат своето незадоволство од загадувањето на нивната општина што доаѓа од Вардариште. 

Присутните на протестот ги потсетија надлежните дека истиот воздух го дишат и тие и дека треба посериозно да пристапат кон решавање на овој проблем и дека не се задоволни само со денешните мерки кои ги воведе Владата, ДЗС, а помогнаа и засегнатите општини. 

Денеска, за разлика од другите денови тие маршираа од крстосницата кај мостот „Киро Глигоров“, до зградата каде се сместени просториите на Општина Аеродром.

Иако пожарот е изгаснат, во оваа општина со денови се чуствуваше непријатна миризба на чад од изгорени материјали, од кои некои и токсични, што предизвика револт кај граѓани од овој дел на главниот град.

Протестот и денеска се одржа на крстосницата помеѓу булеварите „Србија“ и АСНОМ, конкретно пред мостот „Киро Глигоров“.

Граѓаните свиреа и им порачаа на надлежните дека депонијата во Вардариште повеќе не смее да постои и дека проблемот мора да се реши под итно.

Дел од присутните граѓани носеа и транспаретни, а на еден од нивпишуваше „Премиерот дише ист или различен воздух“, како алузија на вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски кој, коментирајќи ги последиците од пожарот во депонијата „Дрисла“, рече дека иако визуелно изгледа дека воздухот во Скопје е загаден, сепак, испитуваните параметри на штетни честички не се така алармантни.

„Сакаме воздух„, „Аеродром зелено гето“, „Секој ден блокада во 18 ч.“, се другите транспаренти кои жителите секојдневно ги истакуваат. Се извикуваше: „Екоцид е геноцид!“.

„Јас 40 години живеам во оваа населба, 30 години ние сме со загаден воздух. Нашите деца не можат да излезат надвор, ние не можеме да отвориме прозорци. Веќе ни е дојдено преку глава. Доста е веќе ветувања, ветувања и само ветувања. Секој како ќе седне во фотелја веќе заборава што ветил. Секој втор е болен од канцер, знаете ли вие што е тоа“, вели жителка на Аеродром.

Идентичен е ставот и на другите жители на населбата.

Инаку, денеска Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека поднело обвинение против три лица во врска со дивата деонија Вардариште. Тие се обвинети за кривичното дело загрозување на животната средина и природата со отпад. Според Обвинителството тие од 2020 година вршеле откуп на старо железо, метални производи, стари акумулатори и други обоени метали на импровизирани пунктови – отпади, без да регистрираат правно лице и без дозвола за управување со отпад, со што создале диви депонии на дел од локацијата во Вардариште каде на 9 јули годинава настана неконтролиран пожар.

Обвинение против три лица за дивите депонии во Вардариште
Во врска со причините за настанување на пожарот на Вардариште, од ОЈО Скопје информираат дека се издадени повеќе наредби со цел откривање и на други сторители на кривични дела.

Попладнево од Министерството за животна средина и просторно планирање соопштија дека донесена одлука за забрана за движење на територијата на дивата депонија Вардаришта.

Претходно директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, соопшти дека локацијата ќе ја обезбедува агенција за обезбедување.