Против Доналд Трамп може да се поднесуваат граѓански тужби за неговата улога во нападот врз Капитол


САД– Американското Министерство за правда, во официјален документ денеска наведе дека поранешниот американски претседател Доналд Трамп може да биде тужен во граѓанска постапка од жртвите на нападот на Капитол и не може да се крие зад неговиот претседателски имунитет.

Полицајците и членовите на Конгресот бараат отштета од Трамп, кого го обвинуваат дека ги охрабрувал неговите приврзаници да го нападнат Капитол на 6 јануари 2021 година, за да спречат победата на Џо Бајден на претседателските избори да стане официјална.

Во својот говор тој ден, Трамп ги повика своите приврзаници „да се борат како ѓаволи“ против резултатите од претседателските избори, кои членовите на Конгресот требаше да ги потврдат тој ден.

Трамп побара од судот да ги затвори тие случаи во име на имунитетот што го имаат американските претседатели за да ги заштитат од несоодветно гонење. Тој смета дека неговиот говор бил дел од неговите службени должности и дека тоа значи дека зборува за теми од општ интерес.

Федералниот суд побара мислење од Министерството за правда за барањето на Трамп, а министерството оцени, без да навлегува во суштината на случајот, дека претседателите имаат навистина голем имунитет, вклучувајќи и за јавни говори како кандидати, но дека тоа не може да вклучува и „поттикнување насилство“ и препорача да се одбие барањето на Трамп.

Доколку Апелацискиот суд го прифати ова образложение, и формално може да почнат да пристигнуваат тужби против Трамп.