Протестот во АД Пошта ставен во мирување, септемвриската плата ќе биде исплатена до петок


 

Протестот на вработените во АД Пошта се става во мирување, откако денеска на средбата на министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на АД Пошта, Васко Стефанов, со претставници на синдикалните организации при ова акционерско друштво придружувани од претседателот на Сојузот на Синдикати на Македонија беше постигната согласност платата за септември да се исплати до петок, 28 октомври, а за наредните месеци платите да бидат исплатени во законски предвидениот рок. Од средбата произлегоа и обврски и иницијативи на кои се согласија синдикалните организаци, соопштија од Министерствто за транспорт и врски. 

Така, Министерството за транспорт и врски се обврза да достави информација до Владата и на наредната владина седница да стави точка на дневен ред со која се дава задолжение до сите државни институции да ги користат услугите на АД Пошта, согласно измените во Законот за поштенски услуги, се вели во соопштението од средбата.

Понатаму, се задолжува АД Пошта да направи план за намалување на непродуктивните расходи, рационализација согласно препораките на Владата, а Управниот одбор на компанијата да започне со изготвување на нова систематизација и нова реонизација за максимална продуктивност на вработените.

„Владата ќе го следи целокупниот процес на реорганизација, рационализација и оптимизација на работењето на АД Пошта, процес кој ќе започне веднаш и ќе трае до 31 декември 2022 година“, се вели во соопштението.

Исто така, Владата ќе препорача на Агенцијата за пошти да продолжи со надзор и контрола на поштенскиот пазар над правни субјекти кои немаат добиени општо овластување за обезбедување на поштенски услуги издадено до Агенцијата за пошти.

На средбата, како што се вели во соопштението, министерот Бочварски ја потенцираше поддршката од страна на ресорното Министерство и Владата и посочи дека само со заеднички заложби на сите инволвирани страни ќе можат да се подигне квалитетот на поштенските услуги во насока на повторно стекнување доверба кај граѓаните во АД Пошти на Република Северна Македонија.