Протестот на матичните лекари заврши, работни групи ќе го решаваат проблемот

Матичните лекари задоволни од средбата со заменик-министерот за здравство. Некои од казните на ФЗО за кои се жалеа лекарите ќе станат само опомени


Zаменик-министерот за здравство, Владимир Рендевски, и претседателката на Здружението на матични лекари, Лилија Чолакова-Дервишова по завршувањето на средбата

 

Денешниот протест на матичните лекари заврши откако на средбата на нивните претставници со здравствените власти е договорено да се формираат работни групи на кои ќе се дефинираат конкретните чекори за подобрување на состојбите со кои се соочуваат со лекарите од примарното здравство. Ова е резултат од денешниот состанок помеѓу заменик-министерот за здравство, Владимир Рендевски, и претседателката на Здружението, Лилија Чолакова-Дервишова.

Од Здружението на приватни лекари се задоволни од средбата.

„Јас ги изнесов сите наши забелешки. Апелиравме да се формираат веднаш работните групи, а заедно со Лекарската комора апелиравме во секоја работна група да има човек кој ги разбира и има позитивен став кон нашите барања. Очекуваме сето ова што беше кажано да стои, бараме да има континуитет во сите наши договорени барања и оние со претходниот министер за здравство, сѐ со цел да имаме задоволни и мотивирани здравствени работници кои ќе работат за доброто на своите пациенти“, рече Чолакова-Дервишова.

Заменик-министерот Рендевски изјави дека од она што го увиделе  500 медицински тимови од 1.463 кои се во примарното здравство се на работ на егзистенција. Тоа значи една третина. Рендевски најави дека што е можно поскоро ќе изнајдат решение за да бидат лекарите и мотивирани и да останат да работат во интерес на пациентите.

Според него, ќе се обезбеди минимална загарантирана плата и за докторите и сестрите кои едвај преживуваат со мал број пациенти, за да нема одлевање на медицинскиот кадар, ниту затворање на ординациите што ќе биде на штета на пациентите. Рамномерно ќе се обезбеди загарантирана минимална плата и онаму каде има поголем број на пациенти, поради што вработени биле и повеќе тимови.

„Заеднички ги разгледавме и одредени казнени мерки на кои се жалеа матичните лекари, а се изрекувани од ФЗО. Имавме состанок во текот на денешниот ден со менаџментот на Фондот и договоривме во иднина за некои помали, навистина административни грешки, казните да не бидат парични, туку да бидат во форма на опомена“, рече Рендевски.

Матичните лекари денеска работеа само со итни пациенти и не издаваа рецепти, освен во најнеопходните случаи.

Лекарите од приватното здравство се жалат на нискиот капитациски бод кој со години не бил зголемен и покрај тоа што се зголемија трошоците за живот, како и минималната плата која согласно Закон ќе мора да им ја исплаќаат на техничарите и медицинските сестри.

Забелешки имаа и кон Фондот за здравствено осигурување од каде на почетокот на годинава им беа доставени договорни казни за административни пропусти детектирани уште пред пандемијата. (Н.В.)