Протестите против Борисов запреа поради влошувањето на корона кризата

Протестите во Бугарија се одржуваа 116 дена по ред (Фото: АФП)

Бугарите протестираа 116 дена по реда поради големата корупција во земјата. Големиот наплив на нови случаи со корона ја стави под прашалник оправданоста на протестите

 

Антикорупциските собири во центарот на Софија насочени кон бугарскиот премиер Бојко Борисов ќе престанат поради влошената состојба со пандемијата на коронавирусите, објавија тројцата како организатори во понеделникот (2 ноември).

116 дена по ред илјадници Бугари се собираа на улиците, повикувајќи го Борисов и главниот обвинител на земјата да си дадат оставка во врска со неконтролираната корупција на високо ниво, што ги ослабе државните институции и им користи на моќните тајкуни. Главниот обвинител, Иван Гешев, се смета за пристрасен и несоодветен за работата.

Дневните собири во центарот на Софија ќе бидат заменети со други видови на активности, вклучително и во социјалните медиуми.

„Ние мора да ја зачуваме способноста на бугарските лекари и медицински сестри да се справат со бранот на пациенти. Оваа одлука ја донесовме од почит кон нашите медицински лица и болничари“, се вели во изјавата на неполитичкото трио за организирање, составено од експерт за односи со јавноста, адвокат и скулптор.

Иако е помал отколку во Западна Европа, бројот на инфекции се зголемува на дневна основа и службите за брза помош први признаа дека не можат да се справат со поголемиот број случаи. Бугарската здравствена служба страда од недостаток на лекари и медицински сестри зашто многумина заминаа на работа во странство.

Триото рече дека владата се плаши да побара од протестите да престанат, поради што тие самите ја донеле оваа одлука, знаејќи многу добро дека тоа е непопуларно и ќе предизвика критики.

„Човек мора да има храброст да избере помеѓу личен рејтинг и дури еден изгубен човечки живот. Борисов ја нема оваа храброст и е потопен во страв!“, изјави триото.

Одѕивот на протестите е во опаѓање уште од летото, а демонстрантите интервјуирани од  медиумите признаа дека сфатиле дека Борисов и Гешев нема да поднесат оставки. Бугарите ќе гласаат на редовни општи избори следниот март, а Борисов повеќе пати изјави дека неговите критичари тогаш ќе имаат шанса да гласаат за кого сакаат.

Борисов го искористи достапното време до изборите за да ги зголеми платите во администрацијата и да исплати фиксен месечен бонус за пензионерите. Ако изборите се одржат денеска, анкетите на јавното мислење покажуваат дека партијата ГЕРБ на Борисов (поврзана со ЕПП) и опозициските социјалисти би биле во мртва трка. Но, ниту една не може да управува без коалиција, составена од најмалку три партии.

За време на целиот период на протести пред неговата канцеларија, Борисов ја избегна зградата на владата и го возеше својот џип низ целата земја со снимател кој ги снимаше неговите средби на Фејсбук. Сега е ковид-позитивен и прима третман дома.

Борисов, кој управува речиси без прекини од 2009 година, преживеа ситуации што би ги уништиле повеќето други политичари: доволно е да го именуваме скандалот со протечени фотографии, наводно откривајќи го неговото скриено богатство.

Се верува дека социјалистите не се главната грижа на Борисов. Дури и да победат на изборите и да формираат влада, многумина сметаат дека тој би можел да најде начин да соработува со нив. Борисов рече дека не бара реизбор и дека неговата нова работа ќе биде зајакнување на неговата партија ГЕРБ.

Но, се чини дека е загрижен од улогата на претседателот Румен Радев, неговиот политички ривал кој силно ги поддржува демонстрантите. Радев, поранешен воен пилот и началник на воздухопловните сили, треба ќе бара реизбор на гласањето есента 2021 година.

Претседателот во Бугарија има ограничени привилегии, но Борисов очигледно стравува дека Радев би можел да биде во искушение да формира политичка партија, а тоа може да биде и менувач на играта за Бугарија, бидејќи таквата сила веројатно нема да постигне никаков компромис со него. (Еурактив)