Протестираа кандидатите за директори на основни и средни училишта


Педесетина кандидати за директори на основни и средни училишта денеска протестираа пред Државниот испитен центар, затоа што доцнат обуките и испитните процедури.

Тие се пожалија дека платиле пред шест месеци, но сè уште не биле повикани на обука, па најавуваат дека ќе се жалаат кај Народниот правобранител и меѓународната заедница.

„Директорката смета дека треба да се организираат најмалку две обуки годишно. Не дефинираат јасно кога тоа ќе се случи. Прашањето што се поставува е зошто да нема повеќе обуки во рок од една година, бидејќи како што знаете, пријавени сме повеќе од 50 кандидати“, вели еден кандидат.

Од Државниот испитен центар велат дека постапуваат согласно законските одредби и оти испитите и обуките се спроведуваат редовно. Според нив, последниот испит се одржал во декември, а следната обука треба да се одржи во март.

Проблемот настанал порадитоа што во моментот се бираат нови обучувачи поради истечен мандат на претходните.

Обуките чинат околу 500 евра, а меѓу кандидатите имаат и лица кои веќе работат како директори на училишта бидејќи согласно последните законски измени од 2014 година, лиценцата мора да се обновува на секои 5 години.