Протести во Шпанија по реизборот на Санчез за премиер


Неколку илјади демонстранти излегоа на улиците во Мадрид по реизборот на социјалистичкиот премиер Педро Санчез.

Четиринаесет дена по ред граѓани протестираат пред седиштето на Шпанската социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) на Санчез против договорот за амнестија на каталонските сепаратисти.

Санчез вети амнестија на две каталонски партии во замена за нивните гласови во парламентот за да ја поддржат неговата кандидатура вчера, што му овозможи да добие уште еден четиригодишен мандат речиси четири месеци по предвремените избори.

Учесниците на протестот вееја шпански знамиња и извикуваа „Национално единство“ и „Да живее Шпанија“. 

Маскирани учесници, главно млади мажи, фрлаа шишиња, тениски топчиња, петарди и ракети кон полицијата, како што беше прикажано на телевизија.

Полицијата потоа го прекина собирот. Седум лица, меѓу кои и еден полицаец, се полесно повредени. Уапсени се и седум лица.

Шпанските конзервативци и десничарските популисти го обвинуваат Санчез дека сака да воспостави „диктатура“ и дека ја загрозува демократијата, поделбата на власта и единството на Шпанија.

Опозициските партии ги повикаа Шпанците да протестираат додека не се распишат нови избори. Санчез беше избран во првиот круг од гласањето вчера со апсолутно мнозинство пратеници во Долниот дом.