Протести во Прага против рестриктивните мерки, повредени најмалку 20 лица


Чешката полиција употреби денеска солзавец и водени топови со цел да растера стотици демонстранти во Прага кои ја нападнале полицијата по одржаните протести поради новите владини рестриктивни мерки за спречување на ширењето на коронавирусот.

Во судирот меѓу демонстрантите и полицијата се повредени најмалку 20 лица.

На собирот учествувале повеќе илјади луѓе, меѓу кои фудбалски и хокеарски навивачи, кои протестирале поради воведените мерки, со кои се забранети и спортските натпревари, како и затворање на ноќни клубови и ресторани.

Исто така, забрането е и собирање на повеќе од шест лица, но се дозволени протести до 500 луѓе доколку се раздвоени во групи од по 20 лица и ако носат заштитни маски.

Многу демонстранти не носеле маски. Бидејќи полицијата соопшти дека нивниот број е поголем од 500, организаторите го завршија собирот. Некои од демонстрантите останале на плоштадот и почнале да ја гаѓаат полицијата со шишиња, камења и други предмети.