Протести во повеќе градови низ БиХ поради убиството на жена од страна на нејзиниот сопруг


Мирна протестна прошетка ќе се одржи денеска во повеќе градови низ Босна и Херцеговина, во знак на бунт поради неодамнешното убиство во земјата, кога сопруг ја задави својата сопатничка.

За конечно на ваквите злосторства да им се „стави крај“ и да се санкционираат преку судските институции, во Босна и Херцеговина во знак на бунт ќе се излезе на улиците во Бихаќ, Бања Лука, Грачаница, Тузла, Сараево, Зеница, Столац, Тешња, Градачац, Босанска Крупа, Сански Мост и во Брчко.

„Доста со теророт над жените! Доста со немо набљудување додека умираме во нашите домови и на улиците на нашите градови. Места што би требало да бидат најбезбедни, тие се наши кафези и наши стрелишта. Не се случи семејна трагедија, туку убиство. Не е несреќен случај, туку убиство. Не е злосторство од страст, туку фемицид. Жена е убиена затоа што е жена. Бидејќи на нас се гледа како на потрошна роба“, наведоа организаторите.

Инаку, Енес Одобашиќ (39) ја задави својата сопруга Едина (31) во Бихаќ. Таа вчера беше погребана. Сопругот беше пронајден обесен. Го пронајде негов сограѓанин додека одел да рибари.

Енес ја задавил својата сопруга со која има и дете, а мотивите за убиството не се познати. Тие живееле заедно во населбата Хермани.