Протести во Црна Гора против малцинска влада, на улица излегоа и актуелни министри


На протестите против најавата за соборување на актуелната црногорска влада и можното формирање на малцинска, кои со денови се одржуваат во градовите ширум Црна Гора, во неделата вечерта во Подгорица им се приклучија дел од министрите, како и пратеници во црногорскиот парламент.

Актуелниот црногорски вицепремиер Дритан Абазовиќ претходно најави дека неговата политичка партија Обединета реформска акција (УРА) ќе ја одбие поддршката на владата, а кон средината на минатата недела, заедно со претставниците на опозицијата, покрена иницијатива за отповикување на владата.

На почетокот на протестот беше прочитан проглас во кој, меѓу другото, се тврдеше дека со протестни собири се брани народната волја, а малцинската влада е неприфатлива, додека демонстрантите извикуваа „Предавство, предавство“, јавува Хина.

Водечките министри во владата на Здравко Кривокапиќ, министерот за финансии Милојко Спајиќ, министерот за економија Јаков Милатовиќ и министерот за образование Весна Братиќ се приклучија на протестите, велејќи дека меѓународната заедница не стои зад малцинска влада.
„Треба да се демистифицира дека меѓународната заедница стои зад малцинската влада. Зад малцинската влада стои измамата на волјата на гласачите од 30 август, кога беше победена Демократската партија на социјалистите на Мило Ѓукановиќ“, рече министерот Милатовиќ.

Црногорскиот парламент на 4 февруари треба да расправа за иницијативата за смена на црногорската влада, а ден претходно на дневен ред ќе се најде и иницијативата за скратување на мандатот на црногорскиот парламент, поднесена од владата на премиерот Кривокапиќ.
Иницијативата за соборување на владата беше потпишана од претставници на УРА, Социјалдемократската партија (СДП), Социјалдемократите (СД), Бошњачката партија (БС), Албанската листа и Албанската коалиција, Либералната партија (ЛП) и некои членови на Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Ѓукановиќ.
Претходно, специјалниот претставник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар изјави во интервју за Гласот на Америка дека САД не го сметаат просрпскиот Демократски фронт за „соодветен партнер“ и дека ДФ иницира поделби во Црна Гора, блокирајќи ги реформите и патот кон Европа. Медиумите објавија дека Ескобар треба да пристигне во Црна Гора на 1 февруари, само неколку дена пред почетокот на дебатата.

УРА, која има тројца членови во црногорскиот парламент, кон крајот на декември потпиша меморандум за соработка со опозициската Бошњачка партија и Социјалистичката народна партија, партија од власта.