Протести против затворањето на полско-германската граница


Стотици луѓе кои живеат во Полска и работат во Германија протестираа во петокот вечерта во југозападниот полски пограничен град Згожелец против задолжителниот карантин од корона вирусот за оние кои ја преминуваат границата.

Полска беше една од првите држави на Европската унија што ги затвори границите поради избувнувањето на новиот корона вирус. Исто така, воведе задолжителна двонеделен карантин за оние што влегуваат на нејзината територија – голем проблем за луѓето чиј живот е меѓу две држави на ЕУ.

Протестот се одвиваше на пешачкиот мост што ги поврзува Згожелец и германскиот град Герлиц, кои функционираа како еден град пред да се затворат границите.

„Јас сум заробена дома шест недели, не можам да ја преминам границата, да одам на работа. Не можам да им се вратам на моите ученици“, рече Мирела Бинкиевич, наставничка која живее во Згожелец и работи во Герлиц.

Околу 300 луѓе се собраа на полската страна и околу 100 на германската, а некои носеа маски за лице. Двете групи беа одделени со привремена метална ограда што е подигната среде мостот за да се спречат луѓето да ја преминуваат границата.

„Дајте да работиме, да се вратиме дома“, пишуваше на еден транспарент што го носеа демонстрантите во Полска. Некои од нив ја пееја полската национална химна, а други химната на ЕУ, „Ода на радоста“.

Рената Бурдош, од градското собрание на Згожелец, цитираше податоци кои покажуваат дека околу 20.000 Полјаци работат во германската покраина Саксонија, од кои 10.500 од нив секојдневно ја преминуваат полско-германската граница. Околу 3.000 Полјаци работат само во Герлиц, рече таа.

Протести беа организирани и во други полски градови лоцирани на германската и чешката граница.

„Да се потсетиме дека работните места нема да чекаат засекогаш за враќање на полските работници. Дали овие луѓе ќе добијат помош и поддршка од државата?“, напишаа локалните власти од југозападна Полска во отвореното писмо до премиерот Матеуш Моравјецки.

Моравјецки рече претходно овој месец дека границите ќе останат затворени најмалку до 3 мај.

„Ова е тешко прашање. Јас ги разбирам тешкотиите на граѓаните и владата ќе разговара за ова следната недела“, изјави портпаролот на владата за приватното радио Зет во саботата. (Ројтерс)