Протести пред зградата на Владата во Тирана, демонстрантите фрлаа молотови коктели


Синоќешните протести на опозицијата во Тирана пред зградата на Владата на Албанија се претворија во инциденти, откако некои демонстранти фрлаа молотови коктели и пиротехнички средства кон зградата.

Ескалацијата се случи по говорот на лидерот на опозициската Демократска партија на Албанија, Сали Бериша, кој рече дека партијата е „единствената надеж за спасување на земјата“ и ја обвини владата дека врши притисок врз граѓаните и економијата.
Полицијата интервенираше со употреба на солзавец и формираше безбедносен кордон околу зградата на владата, додека дел од толпата се обиде да се упати кон парламентот, јавува независната албанска агенција Тир-Факс.
Во инцидентите беа приведени неколку лица, а некои демонстранти и пратеници од опозицијата побараа медицинска помош поради ефектите од солзавецот.
Најмалку едно лице беше пренесено со брза помош.
Се наведува дека еден полицаец е повреден во протестот.
Ова е седмиот протест организиран од опозицијата низ целата земја, со барања за оставка од владата на премиерот Еди Рама и распишување предвремени избори.