Протести пред резиденцијата на Орбан за упадот во сајтот „Индекс“


Илјадници Унгарци протестираа пред резиденцијата на премиерот Виктор Орбан поради постојаните владини напади врз слободата на медиумите, што кулминираше со смената на главниот уредник на водечкиот независен сајт во земјата „Индекс“.

Тројца уредници и повеќе од 80 новинари на „Индекс“, што се речиси сите вработени, вчера поднесоа оставки, обвинувајќи ја владата дека се обидува да го уништи или скроти сајтот. Неговиот сопственик претходно одби да го врати на функција сменетиот главен уредник Саболч Дул.

„Ние не сме овдека зашто го сакаме ‘Индекс‘, се собравме зашто пристапот до информациите е загрозен“, изјави 30-годишниот Иштван, еден од учесниците на протестот кој почна пред редакцијата на сајтот.

„Индекс“, чиј уредник Дул беше отпуштен во вторникот, важи за еден од последните влијателни независни медиуми во Унгарија. Во изминатата деценија, приврзаниците на Орбан постепено преземаа контрола врз независните медиуми во Унгарија, која е рангирана на 89. место на листата земји според слободата на медиумите.

Медиумот пред околу еден месец постави  „барометар за независност“ и на „опасност“ на својата страница за да го сигнализира нивото на обидите за надворешно влијание врз неговата содржина.

„Индекс“ беше последниот медиум што ја мачеше владата до овој степен“, рече Петер Уј, кој го основаше медумот во 1999 година. Тој се повлече во 2011 година поради зголемен притисок од партијата на Орбан, Фидес.

„Владата контролира три четвртини од пазарот за рекламирање на овој или на друг начин“, рече тој. „Ова е државен пазар“.