Протест за спас на МКЦ – се потпишува и петиција


Стотици граѓани од најразлична возраст се собраа денеска напладне, пред Младинскиот културен центар (МКЦ), каде со музичка програма на бројни изведувачи, потпишуваа петиција и протестираа во „одбрана на МКЦ“.

На настанот организиран од колективот на млади музичари „Гола планина“, посетителите го изразија своето незадоволство од неодамнешните случувања со центарот и побараа МКЦ да не се политизира. Собирот доаѓа по промената на досегашниот директор на центарот, но и најавите за кратење на буџетот на институцијата.

Меѓу денешните изведувачи беше и раперот Никола Трпески „S.A.M.“, потоа, младиот музичар Мартин Џорлев, кој е и дел од колективот „Гола планина“, а двајцата порачаа дека МКЦ овозможил досега бројни собири на кои настапувале и мора да продолж така.

Во рамки на протестниот музички собир, денеска пред центарот се потпишуваше и петиција. Барањата на петицијата се зголемување на буџетот на институција од државните ресурси за култура. Дополнително, преку петицијата се бара да се стави „МКЦ надвор од политичките игри“.

Организаторите планираат петицијата да ја испратат до Град Скопје и Министерството за култура, но дека засега примарно им е да соберат што повеќе потписи.

Музичкиот собир „Сите за МКЦ“ доаѓа откако програмскиот колегиум на МКЦ во средата обвини дека центарот е „повторно на мета на партиски мегдан“, откако досегашниот в.д. директор на МКЦ Ванчо Богоев беше сменет од својата позиција.

Во МКЦ потоа беше назначен нов директор, за кој од програмскиот колегиум велат дека е примен на работното место пред само неколку дена преку Агенцијата за привремени вработувања.

Истовремено, од програмскиот колегиум тогаш истакнаа дека буџетот на институцијата е доведен до само 8 отсто од годишниот буџет со кој работеле минатите години или само 32.000 евра.