Протест во тетовско Ново село, се бара соодветна реконструкција на училиштето


Жителите на Ново село во општина Боговиње, Тетово, протестираа поради, како што тврдат, несоодветно реконструираната зграда на основното училиште „11 Октомври“ која изгоре во 2017 година. Тие не ги праќаат децата на училиште и таму не се одвива настава.

-Училиштето изгоре пред две години и повеќе, имавме ветувања дека тоа ќе биде направено како што треба. Сега има само шест училници, а 13 паралелки. Ставот е да не се почнува со настава, се додека не направи уште една училница и канцеларија за наставници. Бараме да се направат тоалетите кои се надвор од зградата оти сега се во непристојна состојба, како и вратите кои не се затвораат, изјави Решат Азизи од Советот на родители на ова училиште.

Директорот изјави дека проблемот е во изведувачот на проектот.

-Една фирма беше избрана, таа се откажа. Потоа друга фирма го доби тендерот и добро ја започна работата. Но, работата е одложена неодамна, иако ветувањата се дека училиштето ќе се гради навреме. Одговорност е на Министерството за образование да се справи со ова прашање, вели Бешир Хакики, директор на училиштето.

Министерот за образование Арбер Адеми изјави дека ќе се покрене истражна постапка доколку има потреба.

-Гарантиравме дека ќе се гради училиштето во Ново село. Сите процедури беа извршени. Од операторот  бев известен дека има одложување, но уверен сум дека се ќе заврши што е можно поскоро. Немам никакви информации за денешните настани, но ќе контактирам со сите страни. Ние остануваме посветени на завршување на училиштето што е можно поскоро. Доколку има неоправдани одложувања од страна на операторот, тогаш ќе се започне истражна постапка, вели министерот Адеми.

Во училиштето „11 Октомври“ околу 200 ученици посетуваат настава. Од 2017 учат во други импровизирани објекти во селото.