Протест во Струмица против рудниците Иловица-Штука


Фото: Радио МОФ

 

Итно и неодложно одземање на споената концесија за рудникот Иловица-Штука. Разрешување на претседателите на Управен суд и на Виш управен суд. Одговорност од сите одговорни лица од Владата и од надлежните министерства што биле вклучени во процесот на спојување на концесиите. Државната комисија за спречување корупција да поведе постапка за испитување на делувањата и релациите помеѓу сите вклучени одговорни лица.

Ова се четирите основни барања кои еколошките здруженија „Здрава Котлина“ од Струмица и Еко Долина од „Ново Село“ ги порачаа преку денешниот протест во Струмица, каде добија поддршка од многубројни граѓани, активисти, иницијативи и организации од цела Македонија, укажувајќи дека ќе се борат до крај за да ја зачуваат струмичката котлина и природата за следните поколенија.

Граѓаните под жешкото јулско сонце ја блокираа раскрсницата во центарот на Струмица. Со себе носеа транспаренти, свирчиња, а дел правеа бучава и со разни предмети што ги донесоа од домовите. Постојано во бранови се извикуваше „Стоп за рудници“.

Од импровизирана бина, актерката и активистка Оливера Аризанова-Мансбарт ја нарече „срамна“ одлуката на владата за спојување на двете концесии за рудникот Иловица-Штука.

„Донесена без никаква правна основа, за потоа Владата да се правда дека, ете, ‘така одлучил Управниот суд’. Но, ние знаеме од последната пресуда на Управниот суд дека барањето на ‘Еуромакс Ресоурсес’ – судот да наложи на владата спојување на концесиите – е отфрлено. Сега се поставува прашањето кој тука лаже, манипулира и зошто?!“, рече таа пред насобраните луѓе. (Радио МОФ)