Протест во Скопје против омаловажување на македонскиот национален идентитет

Фото: Б. Грданоски

Со транспаренти „За народна власт“ и извикување „Македонија! Македонија!“ и „Никогаш Северна, само Македонија“  денеска од пред седиштето на Европската унија во Скопје започна протест, што беше најавен на социјалните мрежи како „Семакедонски народен собир“ против омаловажувањето на македонскиот национален идентитет и достоинство“.

Од пред седиштето на ЕУ, Страшко Олумчев – претседател на Македонска народна партија, порача дека ова е протест на македонскиот народ, незадоволен од 30-годишното работење на македонското Собрание.

„Нас ни ги спорат правото на самоидентификување и во тој случај, ние Македонците имаме право, од бога дадено, да си го браниме, да си го чуваме идентитетот и државата. Премногу жртви Македонија има дадено низ вековите за да дозволиме корумпирани политичари под команда на Брисел и светската влада во сенка да не ништат и да не бришат“, изјави Олумчев.

Фото: Б. Грданоски

Протестот е планирано да заврши пред Собранието.

Поради протестот попладне од 15 часот во централното подрачје на Скопје е воспоставен посебен сообраќаен режим. Затворени за сообраќај до завршување се: ул. „Кирил и Методиј“, бул.„Св.Климент Охридски“, ул.„Димитрие Чуповски“, ул.„11-ти Октомври“, ул.„Македонија“ и ул.„Даме Груев“, а сообраќајот ќе биде пренасочен по бул.„Кочо Рацин“, бул.„Митрополит Теодосиј Гологанов“, бул.„Партизански Одреди“, ул.„Павел Шатев“, ул.„Антон Попов“ и други околни сообраќајници.