Протест против измените на Законот за игри на среќа: Пратениците да размислат што ќе изгласаат


Неколку стотини вработени и припадници на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа во автомат клубови и казина (АПИС) и на Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ), денеска протестираа пред Собранието и ја блокираа улицата „11-ти Октомври” против носењето на новиот предлог Закон за игри на среќа.

На протестот тие апелира до пратениците добро да размислат што ќе изгласаат бидејќи, како што посочија, илјадници Македонци од економски маки ги напуштаат родните огништа и си ја бараат среќата во туѓина и дека не смее да се дозволи најмалку 35 илјади луѓе да станат нови кандидати за иселеници во западните земји.

Тие бараат да присуствуваат на седницата на Комисијата за европски прашања, каде ќе се разгледуваат, како што посочија „противуставните и скандалозни измените на Законот за игри на среќа“.

„Денес ја блокираме сообраќајницата како последно предупредување до пратениците дека не смеат и понатаму да не игнорираат. Доколку не ги прифатат нашите аргументирани предупредувања и укажувања ќе следи серија масовни протести и други демократски форми за изразување незадоволство“, изјави Горан Стоименов, претставник на АПИС.

Тој рече дека потценувачки е да се тврди дека дистанцата од 500 метри од образовни институции е заради заштита на младината, кога во исто време државата овозможува преку интернет, игрите на среќа да станат достапни буквално на секој мобилен и статичен уред. Преку онлајн игрите на среќа доволно е од дома некој да се вклучи на платформа и да игра.

На протестот беше посочено дека евентуалното усвојување на измените во постојната верзија, ќе ја врати Македонија во деведесеттите години на минатиот век кога имаше покер апарати зад завеси во кафулиња, игри на диво по подруми во секое маало, и на тој начин државата ќе изгуби контрола, тогаш младината навистина ќе биде загрозена.

Загубите за државниот буџет ќе изнесуваат 280 милиони евра годишен приход што е најмалку пет проценти од планираните државни приходи за 2024, тврдат тие.