Протест пред Кривичниот суд за осудените во „Диво насеље“


Фото: Борис Грданоски

Со скандирање УЧК, УЧК, карта на голема Албанија и транспаренти, стотина граѓани денеска протестираа пред Кривичниот суд, барајќи, како што наведоа, правда за осудените за тероризам од настаните во кумановско „Диво насеље“.

Учесниците во протестот тргнаа од пред споменикот на Скендербег, а пред Кривичниот суд каде што беше крајната цел, преку разглас упатија пораки преку кои бараа правично судење за лицата инволвирани во случајот, а од судиите да ги имаат предвид доказите кои биле отфрлени.

По кратките пораки, во придружба на полицијата чие присуство беше видно зголемено, демонстрантите се повлекоа кон плоштадот, од каде што тргнаа.

Во „Диво насеље“ беа обвинети 37 лица за тероризам од кои во 2017 година 33 беа осудени, а за четворица беше донесена ослободителна пресуда. Од осудените за осуммина беше изречена казна доживотен затвор, 13 добија по 40 години затвор, шестмина по 20 години, еден 18 години, двајца по 14 години, двајца по 13 години затвор и двајца по 12 години затвор.