Протест на ВМРО-ДПМНЕ во седум градови


ВМРО-ДПМНЕ вечерва одржа протест со движење на колона возила низ улиците на седум градови во државата против, како што велат од партијата, криминалот, корупцијата, неправдите и прогонот. Освен во Скопје, во исто време имаше протести и во Велес, Охрид, Куманово, Прилеп, Штип, Битола.

Дарко Костовски, пратеник во Собранието истакна дека вечерашниот протест во Скопје се одржува против „криминалот, против невидената корупција од огромни размери и исклучително против политичкиот прогон кој што се случува во Македонија“.

– Како што се вели во политичката наука, политичка репресија се јавува кај политички неистомисленици т.е. спрема оние кои што немаат ист став со актуелната власт користејќи ги сите државни апарати, односно злоупотребувајќи ги. Она што сакам да го истакнам е дека ова е период на милионски тендери што Владата ги мести, рекет на сите можни нивоа, од високи бизнисмени, до локални гранапчиња во населените места, а народот верувајте нема ни за леб. Половина милион жители во Република Македонија живеат со само 130 денари дневно , 25 илјади жители во Македонија живеат со минимални само 44 денари дневно, додека луѓето од власта енормно се богатат, посочи тој.

Не смее да си дозволиме, потенцира тој, патриотите да гнијат по затворите, а криминалците од власта да бидат на слобода.

– Оваа власт додека ги пушта криминалците на слобода, многу често и го обвинува народот дека е виновен за најразлични политички текови во државата и тоа можеби е еден од првите симптоми дека станува збор за диктаторска власт, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Костовски изјави дека „овој политички прогон“, кој според него, случува поради немоќта на власта, мора веднаш да запре.

– Таа е исплашена дека за многу скоро ќе дојде тој ден кога ќе се соочи  со чистата и јасна правда, меѓутоа ова што му го прават на македонскиот народ, тој нема да го заборави и ќе ги казни час поскоро, истакна Косотвски.