Протест на ВМРО ДПМНЕ: Се бара оставка од Заев, Османи и Димитров


На денешниот протест се слушнаа истите пораки како и на претходните изминативе денови (Фото: Б. Грданоски)

На протестот најавуван како блокада на Скопје излегоа едвај двестотини лица пред Владата и МНР

 

Оставка од премиерот Зоран Заев и од министрите за надворешни работи и за евроинтеграции, Бујар Османи и Никола Димитров, побара денеска ВМРО-ДПМНЕ на протестите пред Владата и пред Министерството за надворешни работи, поради, како што истакнаа, тргувањето со националните интереси во спорот кој го наметна Бугарија и блокирањето на почетокот на преговорите со ЕУ.    

И покрај тоа што протестот беше најавуван како целосна блокада на Скопје, на двете локации беа присутни по едвај двестотини лица, кои го искажаа своето незадоволство од преговорите на релација Скопје- Софија, кои според нив се тајни и нетранспарентни и со кои „се распродаваат националните интереси на македонскиот народ“.

Лидерот на партијата Христијан Мицкоски, изјави дека ова се историски моменти за нашиот народ, нација и за македонската држава, кога се „одлучува за иднината на нашите деца и внуци“ и затоа, рече, навистина овој пат треба да „реагираме одлучно“.

„Во минатото често пати повторувавме дека не треба да се потпишуваат договори на егзибиционистички начин, чија содржина наместо да биде решение ќе претствува проблем. Тоа го зборувавме и кога се потпишуваше Договорот за пријателство со соседна Бугарија. ВМРО-ДПМНЕ и другите влади во минатото преговарале да постигнат некој ваков договор, но буквално ниту една влада не потпиша договор со таква содржина, бидејќи вие ако во договорот ставите нешто со што се оспорува потеклото и коренот на вашиот јазик, со кој се оспоруваат историските факти и тоа биде критериум за понатамошно ваше полноправно членство во ЕУ, тоа не е договор и тоа никогаш нема да претставува договор кој што ќе ја донесе Македонија во рамки на обединета Европа и да биде дел од европското семјество, туку напоротив, тоа претставува алатка на тие кои се внатре континуирано да вршат терор врз македонскиот народ и македонската нација и македонската држава“, рече Мицкоски

Според него, за жал тоа не успеал да го види Зоран Заев, кој е вели, политички аматер кој може да потпише ваков договор во кој историјата ќе биде критериум за напредок на државата во процесот за полноправно членство во рамки на ЕУ.

„Жалам што денеска ние наместо да зборуваме за вештачка интелигенција, за поквалитено образование, поконкурентен здравствен систем и за млади кои тука ќе ја градат својата иднина, ние денеска зборуваме за исполнуваање на елеменатрното човеково право. а тоа е правото на самоопределување. За жал овие понизни и сервилни политики на Владата на Заев нѐ доведоа во една ваква ситуација кога треба да бираме помеѓу асимилација или интеграција. Затоа час поскоро оставка“, рече Мицкоски и најави и утре нов протест за оставка на Заев.

„Оваа блокада е уште еден сигнал за оние кои следат. Ова е моментот во кој треба да поднесат оставка и да престанат да ја понижуваат Македонија и македонскиот народ и да престанат да тргуваат со македонската историја, македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, македонската култура“, истакна на протестот пред Владата, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, додавајќи дека „за пусти пари распродаваат работи кои не се продаваат, за пари за бизниси, за да им работат фирмите во Струмица, ама и фирмите во Бугарија“. 

На протестот пред зградата на Министерството за надворешни работи се обрати  Антонио Милошоски, кој обвини дека викендов се воделе тајни преговори на релација Скопје – Софија. Тој рече дека министерот за надворешни работи Бујар Османи, со тројца негови соработници воделе преговори со бугарската страна.

„Во чие име преговараа, што преговараа и што договорија? На чија сметка, кој им дал мандат да преговараат за она што е традиција, интерес, историја, книжевност, јазик на македонскиот народ? Не се чудете зошто Османи и Никола Димитров и Зоран Заев не доаѓаат во Собрание. Затоа што тие се навикнати само на тајни преговори“, рече Милошоски, додавајќи дека Заев ветувал дека ќе ја однесе Македонија во Европа, дека ќе биде дел од европскиот Париз, а заглавил во бугарскиот „Пазарџик“.

 

Претходно во Собранието, на Комисијата за надворешна политика, од ВМРО-ДПМНЕ побараа да се расправа и да се усвои заедничка позиција помеѓу сите партии за македонско-бугарските односи. Предлогот беше одбиен од страна на владејачкото мнозинство, а претседателот на Комисијата, Антонио Милошоски рече дека со оглед дека министрите кои што се задолжени не сакаат да разговараат во Собранието за овие прашања, затоа ги организираат протестите. (Н.В.)