Протест на ВМРО-ДПМНЕ пред Министерството за здравство – бараа оставка од Филипче
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно одржа протест пред Министетството за здравство каде побара оставка од министерот Венко Филипче зашто смета дека не ја менаџира добро здравствената криза.
Демонстрантите фрлаа балони со вода кон зградата на Министерството за, како што и го насловија протестот – „Да го измиеме срамот на Филипче и Заев“.
Дафина Стојаноска, член на партискиот Извршен комитет, по едноминутно молчење за 3.860 починати од Ковид-19 во земјава, рече дека министерот „нема ни жал, ни доблест да се извини или да се повлече“ и дека се обидел да ја префрли или сподели одговорноста.
Патувањето на Заев и Филипче вчера со хеликоптер до Прилеп го нарече авантура што чини околу 4.000 евра.
„Луѓето на Заев на сред најголемата македонска криза заминуваат на одмори на егзотични дестинации и велат дека било ефтино, дека заслужиле луѓето одмор. Ова ли е изговор за нивната ароганција. Нека појдат кај семејствата на починатите и ова нив нека им го соопштат“, истакна Стојаноска.
Пратеничката од ВМРО- ДПМНЕ Велика Стојкова-Серафомовска рече дека голем дел од здравствените работници сè уште не се вакцинирани, дури и оние кои работат во болниците во ургентните одделенија и се изложени на најголем ризик.
Според пратеникот Дарко Костовски, доколку власта набавела вакцини и имала систем за справување со ковид-кризата, бројот на заразени и починати немало да биде толку голем.
– Jас немам дилема дека секој човечки живот изгубен во оваа пандемија е грижа на владата. Доколку имаше било каков ситем за справување со кризата, доколку не бевме подбив на регионот и светот особено со моментот со вакцините, јас сум убеден дека бројката вчера немаше да биде 50 починати и дека бројот на заболени немаше да бидат толку многу, туку ќе беа многу помалку. Меѓутоа ова несмаснот од владата по однос на сите прашања мора да запре час поскоро. На Македонија и е потребна една добра влада кој ќе внесе сигурност и скромност и ќе покаже дека знае да се справи со предизвиците, додаде Костовски.
Извор: МИА