Протест на струмичките земјоделци – мизерна е цената од 25 денари за пиперката ајварка
Ако лани земјоделците за 1.000 килограми предадена пиперка земале 45.000 денари, годинава за истата количина ќе земат 25.000 денари, што е над 40 проценти помалку
Големо незадоволство изразија земјоделците од Струмичкиот регион поради ниската откупна цена на црвената пиперка – ајварка. За производителите е неприфатлива цената од 25 денари за килограм пиперка, сума која не ги покрива производствените трошоци, а не пак трудот на земјоделецот. Најавуваат блокади на патиштата.
Производителите на пипер денеска се собраа на протест во струмичкото село Муртино и го повикаа министерот за земјоделство Борче Серафимовски да дојде во Струмица да ги чуе маките на земјоделците, да посредува со откупувачите да се понудат реални цени за родот. На денешниот протест се приклучија и градинарите од останатите струмички села.
„Не е нормално по цела година мака, пот и трошоци, родот да ни се откупува по мизерни 25 денари за килограм, цена што не ги покрива ни основните вложени средства за производство, како трудот на земјоделецот да нема никаква вредност. Тоа е директна навреда за нас земјоделците, потценување на нашиот труд и сериозен удар врз опстанокот на семејствата што живеат од ова производство“, велат производителите од село Муртино на протестот и додаваат:
„По двонеделен неуспешен обид да стапиме во контакт со Министерот за земјоделство Борче Серафимовски и надлежните институции, јавно бараме итен состанок со министерот, со цел конечно да се отвори сериозен разговор и да се најде трајно решение за проблемот со ниската цена на црвениот пипер.“
Земјоделците, производители на црвена пиперка добија поддршка од Националната земјоделска мрежа.
„Националната земјоделска мрежа целосно ги подржува оправданите барања на градинарите од Струмичкиот регион. Упатуваме јавен апел до надлежните институции најсериозно да ја сфатат сериозноста на состојбите во македонскиот аграр и итно и неодложно да преземат мерки за решавање на проблемите Македонскиот аграр и земјоделците се доведени до колапс и нема повеќе простор за изговори и дефокус од проблемите“, изјави Ѓорги какракашев, претседател на НЗМ.
Протестот на струмичките земјоделци ја зовре атмосферата и на социјалните мрежи.
Земјоделецот Горан Иванов коментира дека оваа земјоделска политика што се води во државата го води земјоделието во целосен пропаст.
„Целта е да се уништи земјоделието во Македонија и да станеме увозно зависна држава за храна! Некој мора да сноси одговорност за оваа мизерна земјоделска политика! Тек што ќе биде со лозарите! Овој народ може многу потешко да издржи! Што побрзо се освестиме, тоа подобро! Сѐ побетер и побетер ќе биде во иднина во земјоделието“, вели Иванов.
Земјоделецот Антонио јавно коментира – „Зошто молчиме зошто не протестираме, да раниш цела држава, а ти за леб да немаш, е тоа сме ние револуционерите на Фејсбук,“ пишува земјоделцот.
Организаторите на протестот во Муртино, најавуваат протест и за утре за 11 часот, за како што велат да го искажеме нашето незадоволство од ниските откупни цени на пиперот.
„Од петок се обединуваме со сите околни села и започнуваме со блокади низ целата околина“, највија организаторите од селото Муртино.
За споредба, лани на крајот на јули кога доскорешниот министер Цветан Трипуновски седна на маса со производителите, откупувачите и преработувачите ги договорија откупните цени по класи за пиперката за 2025 година. Лани за прва класа откупната цена на пиперката изнесуваше 45 денари, за прва-втора класа 35 денари, за втора класа откупната цена изнесуваше 20 денари, а за трета класа откупната цена беше 15 денари.
Што значи ако лани земјоделците за 1.000 килограми предадена пиперка земале 45.000 денари, годинава за истата количина ќе земат 25.000 денари, што е над 40 проценти помалку пари на нивна штета.
Пиперката во Македонија се одгледува во најголеми количини во два региона во државата, Струмичкиот и Прилепскиот. Бербата треба да биде во договорен период за да не се соочат откупувачите со зголемена количина на берба на пиперката во текот на денот и да имаат застој во откупот.