Протест на роднините на осудените во „Монструм“: Полицијата блокира кај Мавровка


Протестот што го организираат роднините на осудените во случајот „Монструм“ кој започна денес по 13 часот во Чаир, се префрли кај крстосницата пред Кривичниот суд во Скопје, до деловниот центар Мавровка, каде што силни полициски сили го попречија натамошното движење на учесниците во протестот.
Атмосферата е тензична откако група протестанти се обиде насилно да го пробие кордонот полицајци удирајќи ги со нозе по штитовите. Беа фрлани и камења кон полицијата. 

На моменти се чинеше дека ќе излезе од контрола, но интервенираа луѓе задолжени за обезбедување на протестот.

Сепак, неизвесно е дали ќе можат да ја имаат контролата. Пристигна и возило на Брза помош.

Во текот на протестот, на моменти атмосферата беше тензична, но луѓето кои очигледно се задолжени за обезбедување од страна на организаторите правеа напори таа да не ескалира.

Имаше и неколку провокации – па така на штитовите на полицијата од првите редови во кордонот, демонстраните залепија плакати си ликовите на обвинителите Фатиме  Фетаи, Вилма Русковска и Љубомир Јовевски, како и на осудените во процесот.

Беа прочитани и неколку говори во кои што беа искажани барањата за ослободување на осудените.

Протестот започна од паркот во Чаир, а според најавите требаше да продолжи до Основниот кривичен суд, од каде што демонстрантите планираа да се упатат кон Собранието и да завршат пред Владата.

Од МВР најавија дека од 13 часот за сообраќај ќе бидат затворени повеќе улици во ССкопје  „Христијан Тодоровски-Карпош“, „Џон Кенеди“, „Цветан Димов“, „Крсте Мисирков“, „Гоце Делчев“, „11 Октомври“, „Васил Главинов“, ВМРО, „Илинденска“, како и околните сообраќајници. Јавното сообраќајно претпријатие ги пренасочи автобуските линии кои минуваат низ овие сообраќајници.

Пред три дена судот изрече три доживотни казни затвор, две затворски казни од 9 и 15 години и една ослободителна пресуда за случајот со петкратното убиство кај Смилковско Езеро. Со првостепената пресуда Основниот кривичен суд во Скопје во вторникот  на доживотен затвор за тероризам ги осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири на 9, а Фејзи Азири на 15 години за помагање. Сами Љута доби ослободителна пресуда поради немање докази. (Фото: Борис Грданоски)