Протест на оризопроизводителите поради цената или поради политиката?


Фото: Независен

Штип – Со трактори и друга земјоделска механизација група оризопроизводители од кочанскиот крај изутринава го блокираа патот Штип-Кочани сред селото Облешево. Револтираните земјоделци рекоа дека ова е само предупредувачки штрајк заканувајќи се со целосна блокада на овој патен правец. Тие денес блокираа само една од двете коловозни ленти но рекоа дека наскоро, ако нивните барања не бидат исполнети, блокадата ќе биде целосна и безусловна.

-Владата ни остана должна по пет денари за произведена и продадена оризова арпа за минатата година, а до ден денешен не исплати ништо. Кога го кренавме гласот од соодветното министерство ни рекоа дека тие пари ќе ни бидат подмирени со ребалансот на буџетот за годинава, но и во ребалансот нема пари за нас оризопроизводителите. Ние не бараме ништо друго само владата да си го исполни ветувањето и да не исплати – рече Здравко Арсов, оризопроизводител од село Облешево.

На протестот можеше да се слушне и барањето за зголемување на откупната цена на оризовата арпа од ланските 13 на минимум 25 денари зашто производната цена на арпата е најмалку 17 денари која сума е долна граница на трошоците за производството на ориз.

Горанчо Крстев, градоначалник на Општина Чешиново-Облешево вели дека се работи за грозна и неодговорна политичка манипулација со земјоделците.

-Оризопроизводителите ја препознаа манипулацијата и на таканаречениот протест немаше повеќе од десет трактори и петнаесетина граѓани кои протестираа. Земјоделците се добро информирани дека за период не подолг од десет до петнаесет дена ќе си ги добијат ветените пет денари субвенција од владата за килограм продадена арпа. Парите се веќе легнати на сметката на платежната агенција и тие оттаму ќе бидат префрлани на сметките на производителите – нѝ изјави градоначалникот Крстев.

Инаку, годинва под ориз се 4.500 хектари од кои се очекува богат и квалитетен род. Добре Андов, од Институтот за земјоделие при УКИМ вели дека годината била исклучително наклонета кон оризовата култура.

– Ако производителите добијат коректна цена сите би требало да бидат задоволни – вели Андов кој е доктор по оризова култура и целиот свој работен и научен век го има посветено на оризот.

 

Иван Бојаџиски