(Фотогалерија) Реформи во образованието се потребни, но по мерка на учениците


Почна протесттот на граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“, против Законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование, според новиот концепт на министерката за образование и наука, Мила Царовска.

Учесниците се собраа во Паркот на новинарите, спроти зградата на поранешна НИП „Нова Македонија“, а потоа ќе продолжат од Министерството за образование и наука по булевар „Свети Кирил и Методиј“, булевар „Свети Климент Охридски“ и булевар „Илинден“ до Владата на Македонија. Пред Владата на Македонија ќе биде прочитана изјава со барања од протестниот марш, кој продолжува по булевар „Илинден“, булевар „ВМРО“, булевар „Даме Груев“ и булевар „11 Октомври“ до Собранието на Македонија и Паркот „Жена борец“ во Скопје.

Од пред Влада тие порачаа дека побарале хартиените учебници да останат во сите одделенија од основното образование.

Фото: Б. Грданоски

– Понастрана родово сензитивно образование од нашите деца. Баравме да не се спојуваат повеќе предмети во еден. Наставниците добиваат плата на ниво на служител. Баравме подобро образование за децата со посебни потреби, ание се уште немаме оброзавни асистенти. Бараме задолжително учество на соодветни претставници од струката и граѓански организации во работна група за измени на законот. Министерката не сакаше да ги слушне овие барања – рече Драгана Спасевска координатор на иницијативата.

Во 14 часот во „Жена борец“ ќе биде поставена импровизирана училница со отворена Книга за потписи за поддршка на граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“. Во импровизираната училница е предвидено да бидат поставени 10-15 училишни клупи, 20-30 училишни столчиња и училишни реквизити (расипани компјутери, таблети, скинати учебници и оштетени дидактички материјали). Импровизираната училница ќе остане до крајот на денот и наредниот ден 16 мај (недела) до 21 часот. Книгата за потписи ќе биде отворена и на 16 мај од 9 до 21 часот.

Фото: Б. Грданоски

Организаторот на протестот ги кани сите политички партии и здруженија на граѓани на масовно учество, без партиски обележја и обележја на здруженија.

Организаторот на протестот апелира до сите учесници да се придржуваат на протоколите за време на пандемија, носење маски и на пропишана дистанца, како и на почитување на неповредливоста на имотите и неприкосновеноста на животите. Организаторот се оградува од навредливи скандирања и транспаренти на етничка и верска основа!

Се протестираше и во Тетово

Во Тетово Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ организираше јавен протест пред зградата на општината со цел да бидат истакнати несогласувањата околу промените во образовниот процес, како и барања за одржување на настава. Организаторите посочија дека се дојдени граѓани, родители, ученици, наставници од различни националности и друг вид припадности.

Фото: Б. Грданоски

-Прво бараме хартиените учебници задолжително да останат во употреба за сите одделенија во основното и средното образование. Второ, да се креираат протоколи за одржување настава со физичко присуство во услови на пандемија. Трето, задолжително присуство на претставници на групата и од граѓанскиот сектор во работната група за измени во законот за било кави реформи во образованието, посочи Светлана Савевска, претставник на иницијативата.

Оваа иницијатива посочува дека нема да се дозволи децата да бидат предмет на тестирање со дигитализацијата.

-Реформи да, потребни се вистина е дека децата се преоптоварени со непотребни информации кои се дел од моменталните учебници, но, отскокнување во образовниот процес, воведување на целосна дигитализација, кратење предмети како историја и особено мајчин јазик не се решение за напредок во образованието на децата, истакна Светлана Савевска.

Фото: Б. Грданоски

Учесниците на јавниот протест носеа учебници и пароли како „Законот не ги решава проблемите во образованието“, „Законот не е по мерка на родителите, наставниците и учениците, „Референдум“.

Од Гостивар пораки на албански и на македонски јазик

Неколку стотини гостиварци се одзваа на повикот на граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ и излегоа на протест пред зградата на општина Гостивар.

Фото: Б. Грданоски

Претставници на иницијативата посочија дека Иницијативата се залага против донесувањето на новиот Законот за учебници за основно и средно образование, со кој се предвидува дигитализација на учебниците.

Во обраќањата на албански и македонски јазик, тие се оградија од влијанието на политичките партии, туку како што рекоа, се родители кои се загрижени за иднината на децата. Меѓу останатите забелешки во најавените реформи, од иницијативата го истакнаа проблемот со дискриминацијата на децата.

– Од една страна промовираме еднаквост, недискриминација, од друга страна внесуваат сензитивни предмети кои подлежат на нееднаквости и дискриминација. Министерката вели: на децата од социјалните ранливи категории кои не можат да следат настава преку дигитални помагала, училиштата ќе им испечатат мини учебници – скрипти. Каде е тука еднаквоста меѓу децата?, рече Борче Брајкоски учесник на протестот.

Фото: Б. Грданоски

Од протестот тие порачаа дека нема да дозволат децата да бидат предмет на тестирање и побараа заеднички да се изнајдат решенија за најавените реформи

На крајот од протестот беа испорачани осум барања меѓу кои се: хартиените учебници задолжително да останат во употреба, исклучување на родовото сензитивно, етика на религиите да остане изборен предмет, да не се спојуваат два или повеќе предмети во еден, образложение за кратењето на фондот на часови, повеќе услови за инклузија на децата со попреченост, создавање на протоколи за одржување настава со физичко присуство во услови на пандемија и задолжително учество на претставници од групата и од граѓанскиот сектор во работната група за измени во Законот.

Штип: Понекогаш пропаѓа половина час поради технички проблеми

И пред Општина Штип, родители и наставници денеска го изразија своето незадоволство од најавената дигитализација на учебниците. Билјана Алексова-Даневска наставник и родител вели дека реформата што треба да се воведе не е здрава за физичкото и психичкото здравје на учениците.

Фото: Б. Грданоски

-Не е здраво за мозок, `рбет, очите и ние како родители, но и јас како наставник не се согласувам. Доволно е тешка онлјан наставата за учениците, имаме паѓање на системот, па кочи компјутерот, а понекогаш пропадне и половина час заради технички проблеми, вели Алексова-Даневска.

Родителите и наставниците кои денеска протестираа на министерката за образование и наука, Мила Царовска и порачаа да седне да разговара со компетентни лица, а какошто велат со водење инат нема напредок, туку во овој случај се прави штета на учениците.