Прославувањето на српскиот „томос“ во Охрид за Бугарите е „насилство врз историјата“


Ако некој некому му е помошна црква, тоа е попрво српската на Охридската – односно на бугарската. Повторно гледаме како се мавта со српската карта, се демонстрираат братски чувства и му се дава теоретска надмоќ на Белград над Скопје. Денешната администрација на Северна Македонија – претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски, очигледно само со зборови сакаат да влезат во ЕУ, но во пракса бараат секакви причини за антибугарска хистерија.

Ова во интервју за БГНЕС го изјавил историчарот Пламен Павлов по повод одбележувањето на првата годишнина од доделувањето на таканаречениот „томос“ од Српската православна црква (СПЦ) на Македонската православна црква (МПЦ), што, наводно, може да го предаде само Вселенската патријаршија. Настанот, забележува БГНЕС, ќе се празнува во црквата Света Софија во Охрид, која е „непроменлив дел од бугарската историја“.

Историчарот смета дека „ваквото празнување заедно со Српската православна црква е во најмала рака чудно, бидејќи Охридската архиепископија, како што сака да се нарекува МПЦ,
веќе е автокефална.

„Мислам дека нема поента овој настан освен ако не е во духот на пројугословенската пропаганда, која дефинитивно има антибугарска адреса“, смета Павлов, заклучувајќи дека денешниот „режим“  раководи со РСМ „оди по стапките на режимот на Никола Груевски“, иако го негира.

Според него, Охридската архиепископија е продолжение на Првото бугарско кралство. Василиј Втори не создава нова црква туку го менува рангот на Бугарската патријаршија во
архиепископија и го задржува својот автокефален статус.

„Низ вековите се нарекува црква на цела Бугарија – така е во натписите и документите. Така пишувале византиските цареви, вака пишувале и српските владетели, кога Македонија беше под српска власт“, категоричен е тој.

„Станува збор за автокефална црква која е директно продолжение на црквата на Првото
бугарско кралство и од нејзината епархија се откорнати територии (1219) и се создала
српска архиепископија. Ако некој некому му е ќерка црква, попрво тоа е
српската на Охридската, односно на бугарската“, заклучува тој.

БГНЕС  е медиум кој се наклонува кон ГЕРБ и откако оваа партија почна да се враќа на политичката сцена во Бугарија и стана дел од идната бугарска влада, постепено се зголемува и антимакедонската кампања во овој медиум, иако Красимир Каракачанов и таквите, кои наводно влијаеја на политиката на Бојко Борисов, сосема отпаднаа од владините комбинации.