Проширувањето нема да отпадне од заклучоците во Брдо
Земјите членки на Европската Унија денеска ги усогласија позициите за Декларацијата што ќе произлезе од Самитот ЕУ – Западен Балкан што в среда ќе се одржи во Брдо кај Крањ. На состанокот на амбасадорите на сите 27 земји членки на ЕУ (КОРЕПЕР) постигнат е договор за содржината на Декларацијата за Самитот ЕУ – Западен Балкан што на 6 октомври ќе се одржи во Словенија, информира извор од ЕУ. Според него, станува збор за баланс меѓу желбата за проширување и капацитетот на Унијата за натамошно апсорбирање нови членки.
„Имаше долга дебата за проширувањето и можам да кажам дека процесот е цврсто наведен во текстот на изјавата но, истовремено, се води сметка и за апсорпциските можностите на ЕУ“, брифира дипломат на ЕУ.
Засега останува нејасно дали тоа значи дека ќе биде повторена гаранција за европската перспектива на балканските држави или ќе се искористи друга формулација која ќе го вгради и скептицизмот на одредени моќни земји членки за натамошно проширување.
„Има многу предизвици кога станува збор за проширувањето зашто тоа е сложен процес со многу фактори – реформи, билатерални прашања – искуство кое сакаме да го решиме, а секако тука е и степенот на прифаќање. Да бидеме искрени, некои лидери го имаат предвид расположението во нивните земји во однос на проширување. Да, има предизвици во процесот, но вратата не е затворена“, беше одговорот на дипломатот на дилемата дали проширувањето станува товар за ЕУ.
Во однос на блокадата на Бугарија за Северна Македонија, европските дипломати настапуваат внимателно.
„Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, беше активен да изгради мостови меѓу позициите на двете земји, имаше контакти, но знаете дека Бугарија е во период на избори“, вели европскиот извор.
Покрај проширувањето, в среда европските лидери пред балканските колеги ќе најават амбициозен инвестициски план за Западен Балкан вреден 30 милијарди евра главно насочен кон инфраструктурно поврзување меѓу шесте земји, но и нивно поврзување со Унијата, како и асистенција во зелена енергетска транзиција на регионот.