Просечната плата во Хрватска е 1.178 евра, половина од вработените примаат повеќе од 1.014 евра


 

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во правните лица во Хрватска за октомври изнесува 1.178 евра, што е номинално повисока за 14,6 отсто, а реално за 8,3 отсто, покажуваат податоците на Централниот завод за статистика (ДЗС) објавени во средата.

Во однос на платата за септември годинава, просечната нето-плата за октомври номинално е повисока за 1,9 отсто, а реално за 1,4 отсто.

Највисока просечна месечна исплатена нето-плата по вработен во правните лица за октомври е исплатена во авионскиот превоз, 1.856 евра, а најниска во производството на облека, 756 евра.

Според извештајот на статистичарите, медијалната нето плата за октомври била 1.014 евра, што значи дека половина од вработените имале помалку, а половина повеќе од таа сума.

Просечната месечна бруто-плата по вработен во правните лица за октомври изнесува 1.630 евра, што е номинално повисока за 2,1 отсто, а реално за 1,6 отсто во однос на септември.

На годишно ниво просечната бруто плата е номинално повисока за 16,8 отсто, а реално за 10,4 отсто.

Како и кај нето-платата, највисока просечна месечна бруто-плата по вработен кај правните лица за октомври има во авионскиот превоз, во износ од 2.693 евра, а најниска во производството на облека, во износ од 990 евра.

За периодот од јануари до октомври годинава, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во правните лица изнесува 1.138 евра, што е номинално повисока за 12,8 отсто и реално за 3,8 отсто во однос на истиот период лани.

Во октомври имало во просек 175 платени часови, што е за 4,8 отсто повеќе од септември.

Најголем број на платени часови има во воден превоз (186), а најмал во социјална помош без сместување (152).

Просечната месечна исплатена нето саатница за октомври изнесува 6,60 евра, што е за 2,2 отсто пониска од септември, а за 9,8 отсто поголема од истиот месец од претходната година, пренесуваат хрватските медиуми.