Просечната нето плата во државата рекордни 36.465 денари


 
Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во мај 2023 година, изнесува 36.465 денари и таа е повисока за 16,1 отсто во однос на истиот месец минатата година. Зголемувањето е за 5.058 денари, се пофали Владата.
Согласно Државниот завод за статистика, ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Административни и помошни услужни дејности (25,5 отсто), Стручни, научни и технички дејности (21,4 отсто) и Финансиски дејности и дејности на осигурување (18,8 отсто).

Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Други услужни дејности (5,3 отсто), Стручни, научни и технички дејности (5,0 отсто) и Транспорт и складирање (4,3 отсто).

Од Владата велат дека нивните мерки даваат позитивни резултати и просечната нето плата во земјава континуирано расте и во услови на најголемата светска економско-енергетска криза.

 
„Наша цел е подобар стандард на граѓаните и подобро платени работни места. Платите на граѓаните и во иднина ќе растат, бидејќи сите владини политики се насочени кон подобрување на животниот стандард“, се вели во соопштението од Владата.