Проруска администрација: Евакуирани 15.000 луѓе од Херсон


 Проруската администрација во областа Херсон на југот на Украина денеска соопшти дека поради напредувањето на украинските војници од таа територија, која беше анектирана од Москва, се евакуирани 15.000 луѓе.
 
„Продолжува мирната евакуација на жителите од областа Херсон“, изјави преку Телеграм прорускиот функционер Кирил Стремусов.
 
Проруските власти во Херсон вчера најавија почеток на евакуации од областа поради опасноста што може да ја предизвика напредувањето на украинските сили за цивилите. Киев ги осуди мерките како „депортација“ на цивили во Русија.
 
„Верувајте ми, сè ќе биде добро. Херсонската област веќе е засекогаш ослободена од нацизмот“, додаде Стремусов и даде уверување дека украинските региони Днепар, Одеса и Миколаев ќе бидат ослободени „наскоро“.
 
Окупациската управа во Херсон вчера објави и дека го напушта тој град и оди на левиот брег на реките Днепар, во време кога украинската армија продолжува со големата офанзива на тоа подрачје.
 
Рускиот претседател Владимир Путин вчера воведе воена состојба во украинските региони Херсон, Луганск, Доњецк и Запорожје, кои Москва ги анектираше во септември, но кои не се под целосна контрола на руската армија.