Пропалестински протести во Лондон, Париз, Манила… Хаос во Рим, полицијата тепала, употребила воден топ…


Десетици илјади демонстранти излегоа денеска на улиците на неколку големи градови ширум светот за да побараат прекин на крвопролевањето во Газа, додека конфликтот во палестинската енклава се приближува на првата годишнина и се шири во регионот.

Околу 40.000 пропалестински демонстранти маршираа низ центарот на Лондон, додека илјадници се собраа во Париз, Рим, Манила и Кејп Таун.

Војната започна кога милитантната палестинска група Хамас го нападна јужниот дел на Израел на 7 октомври 2023 година. Според израелските податоци, загинале 1.200 луѓе, а околу 250 биле земени како заложници.

Во израелскиот одмазднички напад врз Газа што следеше загинаа речиси 42.000 Палестинци и раселени речиси целото население на енклавата од 2,3 милиони, според Министерството за здравство на Газа.

„За жал, и покрај сета наша добра волја, израелската влада не обрнува внимание. Тоа само продолжува со злосторствата во Газа, сега во Либан и Јемен, а веројатно и во Иран“, рече демонстрантката Агнес Кори, која демонстрираше во Лондон. „И нашата влада, нашата британска влада, за жал, само издава соопштенија и изјави, продолжувајќи да му доставува оружје на Израел“, додаде таа.

Апсења во Лондон, судири со полицијата во Рим

Во Лондон, про-израелските поддржувачи вееја знамиња додека пропалестинските демонстранти минуваа. Според полицијата, на маргините на протестот биле уапсени 15 лица. Полицијата не соопштува на која група припаѓаат приведените.

По судирите во Рим, полицијата се обиде да ги растера демонстрантите со водени топови и солзавец. Околу 6.000 демонстранти се собраа таму, пркосејќи на забраната за мирни демонстрации во центарот на градот пред годишнината на 7 октомври.

На протестот во Берлин се собраа околу 1.000 демонстранти. Тие креваа палестински знамиња додека извикуваа „Година на геноцидот“, термин кој Израел го оспорува, велејќи дека само се брани. Демонстрантите го критикуваа и полициското насилство врз пропалестинските демонстранти во Германија.

Поддржувачите на Израел во Берлин протестираа против се поизразениот антисемитизам. Таму избувнаа судири меѓу полицијата и пропалестинските контрадемонстранти.

Минатата година, обемот на убиствата и уништувањата во Газа предизвика некои од најголемите светски протести во последните години. Поддржувачите на израелската страна тврдат дека овој бран на гнев поттикнал и создал антисемитска атмосфера во која демонстрантите го доведуваат во прашање правото на Израел да постои како нација.

Страв од регионална војна 

Војната во Газа се прошири низ целиот регион, привлекувајќи групи поддржани од Иран во Либан, Јемен и Ирак. Израел нагло ја засили својата кампања против либанската група Хезболах, поддржана од Иран, во последните неколку недели, а Иран истрела ракети врз Израел оваа недела.

„Се плашиме од регионална војна бидејќи во моментов има тензии со Иран, а можеби и со Ирак и Јемен“, рече либанско-францускиот демонстрант Хусам Хусеин кој протестираше во Париз. „Навистина мораме да ја запреме војната бидејќи таа стана неподнослива“, додаде тој.

Додека сојузниците на Израел, како што се Соединетите Американски Држави, го поддржуваат правото на земјата на самоодбрана, Израел се соочува со огромна осуда од меѓународната заедница за неговите акции во Газа, а од неодамна и за неговото бомбардирање на Либан. Премиерот Бенјамин Нетанјаху се спротивставува на критиките и вели дека неговата влада мора да дејствува за да спречи уште еден напад на Хамас како оној на 7 октомври.

Меѓународната дипломатија предводена од Соединетите Држави досега не успеа да постигне договор за прекин на огнот во Газа. Хамас сака да се постигне договор за завршување на војната, додека Израел верува дека борбите можат да завршат само кога Хамас ќе биде целосно искорен.

Протест и на Филипините

Активистите во Манила се судрија и со полицијата. Прво беа спречени да одржат протест пред американската амбасада во главниот град на Филипините. Тие се собраа таму за да протестираат дека САД го снабдуваат Израел со оружје.

Протести по повод првата годишнина од почетокот на нападот во сабота ќе се одржат и во други земји и градови низ светот, на пример во САД и Чиле, а за викендот се планирани и собири за поддршка на Израел.