Пропаѓањето на Еуростандард банка нема да го загрози банкарскиот сектор


Народна банка не смее да толерира слаби точки во системот. Кога ќе се појави слаба точка, тоа треба да го решат или акционерите или менаџерите, а ако не го решат тие тогаш Народна банка мора да го реши, вели Петар Гошев

Мирче Јовановски

Банкарскиот систем во земјава ќе остане стабилен и одземањето на дозволата на Еуростандард банка нема да влијае врз другите банки, уверуваат од Народната банка, но и банкарски експерти, поранешни гувернери и министри за финансии, иако некои од нив велат дека се изненадени од одлуката бидејќи НБ во извештаите немала посочено дека некоја од банките се соочува со вакви проблеми. Повеќето нагласуваат дека станува збор за мала банка, а не за системска и дека овој важен и специфичен сектор за целата економија во минатото се соочил и со поголеми предизвици, како што беше на пример пропаѓањето на Македонска банка која беше многу поголема од Еуростандард банка. Довербата во банките беше сочувана во што пресудно беше исплаќањето на штедачите од страна на Фондот за осигурување депозити, велат тие. Најголемите последици покрај акционерите, ќе ги имаат вработените во Еуростандард банка, заради губењето на работните места.

Петар Гошев, поранешен министер за финансии и гувернер на Народната банка на Македонија вели дека одлуката на Народна банка е исправна со оглед дека еден од клучните параметри – адекватноста на капиталот кај Еуростандард банка паднал под два отсто.

„Во таков случај Законот за банки бара автоматски да се одземе дозволата за работење на банката. Акционерите и менаџерскиот тим направиле ризици поголеми од дозволените, го свеле капиталот под законскиот минимум и Народната банка едноставно немала избор. Покажала трпение да најдат решение, тие не нашле и што да прави Народната банка заради нив – да не го примени законот?“, вели Гошев.

Тој додава дека одземањето на дозволата на Еуростандард банка нема да има негативно влијание врз банкарскиот сектор.

„Таа е мала банка, нема да има никаков системски удар преку неа. Банкарскиот систем е здрав, стабилен, има висока капитализираност, има ликвидни средства, доволно за интервенции“, вели тој додавајќи дека нема постор за било какви сомнежи, паники или стравови.

„Народна банка не смее да толерира слаби точки во системот. Кога ќе се појави слаба точка, тоа треба да го решат или акционерите или менаџерите, а ако не го решат тие тогаш Народна банка мора да го реши. Во овој случај Народна банка постапила така“, вели Гошев.

За стабилноста на банкарскиот сектор зборуваат и податоците на Народната банка, додава Гошев, според кои адекватноста на капиталот е 17 отсто, што е повеќе од двојно од законскиот минимум од 8 отсто, ликвиден е – 30 отсто од депозитите се ликвидни пари од прва класа…

„На крајот зборуваме за пазарна економија во која се случуват вакви работи. Штета е за луѓето таму кои сега ќе треба да бараат работа. Некој ќе најде, но некој можеби и нема да успеее“, вели Гошев и додава дека во Црна Гора на пример, биле затворени две банки во текот на минатата година.

„Банкарството е високо регулирано, вакви работи поретко се случуваат, затоа се и сите тие критериуми, стандарди, контроли, супервизии… Банките имаат поинаква општествена улога, но и покрај тоа се случува и во најразвиените држави“, вели Гошев, во чиј мандат беше одземена дозволата за работа на една многу поголема банка – Македонска банка, пред 13 години.

Осврнувајќи се на Македонска банка, тој вели дека напорите на НБМ и на него како гувернер не биле насочени кон затворање на банката, туку кон нејзина продажба, за што две години го толерирале сопственикот да најде купувач. На крајот, кога постоеше опасност од поголеми штети поради разните малверзации што се обидуваше да ги направи, НБМ ја донесе одлуката за одеземање на дозволата, откако претходно со низа одлуки на НБМ, банката и сопственикот мораа да обезбедат доволно средства за да се надоместат обврските кон депонентите.

Со идентични гледишта се и други банкари и поранешни функционери. Еден од нив кој сакаше да остане анонимен вели дека пропаѓањето на Еуростандард банка нема да значи ништо за банкарскиот систем во земјава бидејќи во однос на вкупниот банкарски сектор станува збор за многу мала банка. Тој главните причини за пропаѓање на банката ги гледа во неможноста или неподготвеноста на акционерите таа да се докапитализира, што беше и главното барање на Народната банка.

Тој исто така додава дека штедачите ќе бидат намирени од Фондот за осигурување на депозити,, кој потоа во стечајната постапка ќе ги побарува тие средства од стечајната маса. Акционерите се последни во редот, откако се друго ќе се намири.

Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии, вели дека за него било изненадување одземањето на дозволата за раббота на Еуростандард банка, со оглед дека Народната банка до сега тврдеше дека банкарскиот систем е здрав и стабилен.

„Не очекував да се случи таков феномен, имајќи предвид дека живеевме во илузија дека е се во ред во банкарскиот систем. Тоа малку дојде како шок за мене“, вели Хајредини, додавајќи дека во извештаите на НБ досега немало навестувања дека може да се случи вакво нешто.

Тој исто така ѝ забележува на Народната банка дека сепак не требала да дозволи да се случи вакво нешто и Еуростандард банка да дојде до волку ниско ниво на адекватност на капиталот и дека преку супервизијата и други активности тоа требало навреме да се превенира.

Хајредини исто така вели дека со оглед на бројот на депозити во Еуростандард банка, над 136 илјади како и износот од над 4 милијарди денари што треба да им се исплатат на депонентите преку Фондот за осигурување депозити не се мали и може да има влијае кај граѓаните и нивната довербата во банките. Но, сепак, ако се земе во предвид специфичната тежина на Еуростандард банка, односно нејзиното учество во вкупниот банкарски капитал во земјава, во вкупните депозити и кредити, од 1,3 до 1,7 отсто, генералниот заклучок е дека со такво релативно учество во вкупниот банкарски систем не може да предизвика поголеми последици.

За разлика од ваквото видување на луѓе од финансискиот сектор во земјава, некои од политичките партии се обидоа одземањето на дозволата на Еуростандард банка да го претстават како колапс на целиот финансиски и банкарски сектор.

„Пропаѓањето на Еуростандард банка претставува уште еден голем неуспех на актуелната власт и сериозен удар во банкарскиот и финансискиот сектор“, изјави вчера на прес-конференција Гордана Димитриеска Кочоска, претседател на Комисијата за материјално финансиско работење на ВМРО-ДПМНЕ, која во техничката влада беше дополнителна заменик министерка за финансии. Таа додаде дека директно и индиректно се засегнати огромен број на пензионери кои добиваат пензија преку користењето на услугите на банката, луѓе кои добиваат плата, и бизниси кои ги користеле услугите на банката, како и дека со пропаѓањето на банката доведени се во прашање исплатите кон 55 илјади граѓани, од кој над 35 илјади пензионери и речиси 20 илјади приматели на социјална помош.

„Со ова на терет на државата во услови на криза се додаваат депозити во износ на 4,4 милијарди денари или околу 70 милиони евра“, рече Димитриеска Кочоска, која смета дека „ова ќе создаде хаос во банкарскиот сектор и тоа во услови на корона криза“, како и дека „проблемот треба да се гледа и по систематски, а особено ако се знае дека во јавноста кружеа информации дека банката имала проблем уште минатата година“.

„Сето ова ќе ја подгрее недовербата кон банките, дали е можна спирално вадење на депозитите од банките и страв од нови банкарски турбуленции. Очигледен факт е дека сето ова ќе предизвика и нестабилност во банкарскиот сектор“, рече Димитриеска Кочоска.

Коментирајќи ги ваквите изјави на прес конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ, повеќето наши соговорници велат дека ваквите настапи само можат да наштетат и дека станува збор за чист популизам.

„Оваа земја како секој да сака да ја запали. Доколку ВМРО-ДПМНЕ имаше навистина нешто да соопшти во врска со банката требаше да излезе професорот Трајко Славески кој што е компетентен за тоа, а не некој што нема поим и кој сака да го запали народот“, велат некои од нив.

„Економијата е психологија Повеќе зависи од психологијата отколку од многу други фактори. Очекувањата на луѓето се клучна работа. Довербата ја имаш или ја немаш. И сега од нешто здраво, на овој начин сакаш да го разгориш“, вели Гошев.

И Народната банка образложувајќи ја одлуката за одземање на дозволата на Еуростандард банка нагласи дека банкарскиот систем е и останува стабилен и добро капитализиран, со висока ликвидност.

„Со изземање на Еуростандард банка, адекватноста на капиталот на системот се зголемува и изнесува 17,2 отсто. Кај сите други банки, стапката на адекватност на капиталот е во распон од околу 14 отсто до 22 отсто, односно кај најголем дел е двојно повисока од минималното законско барање, што е од клучно значење за стабилноста и на одделните банки и на банкарскиот систем во целина“, соопштија од НБ.

Сите други банки во првата половина од оваа година работат со добивка и ликвидноста ја одржуваат согласно супервизорските стандарди (околу 30 отсто учество на ликвидна актива во вкупна актива на банкарскиот систем). Со изземање на Еуростандард банка, со оглед на загубите во нејзиното работење, кај финансискиот резултат на банкарскиот систем се забележува подобрување за речиси 21, посочија од централната банка.

„Исто така и нефункционалните кредити се одржуваат на историски ниско ниво од 4,7 отсто, при што кај најголем дел од банките има нивно намалување. Со изземање на Еуростандард банка, нивото на нефункционалните кредити на банкарскиот систем е значајно помало и изнесува само 3,7 отсто од вкупните кредити“, рече на прес-конференцијата во НБ, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.