Пропаѓа уште еден гигант за недвижности?


Акциите на „Кантри гарден“ (Country Garden), последниот голем кинески гигант за недвижности што го избегне банкрот, паднаа, предизвикувајќи паника на пазарот и лути коментари на социјалните мрежи, пишува Њујорк Тајмс.

„Кантри гарден“ се сметаше за златен стандард на се понестабилниот кинески пазар на недвижности, а сега инвеститорите го сметаат за темпирана бомба.

Таа компанија со недели укажуваше дека е во финансиски проблеми. Тогаш таа испрати многу подиректна порака: дека очекува загуби од 7,6 милијарди долари во првите шест месеци од оваа година. Нејзините акции на берзата во Хонг Конг забележаа голем пад и беа продадени за околу еден хонгконгшки долар, односно за 13 американски центи.

Песимизмот забележан на берзата не беше ограничен само на пазарите.

Коментаторите на кинеските социјални медиуми го одразуваат шокот и гневот од застрашувачките вести за состојбата на кинескиот пазар на недвижности, при што многумина потсетуваат на банкротот на „Евергранд“ пред две години, што предизвика синџир на други банкротства на пазарот. Коментарите со хаштагот „Евергранд е несолвентен“ сега ги виделе повеќе од 100 милиони луѓе.

Кинеските инвеститори со години се задолжуваа многу за да ги прошират операциите низ земјата, продавајќи станови уште пред да бидат завршени, а нивните директори се доближија до најбогатите тајкуни во Азија во однос на заработката.

Колапсот на „Евергранд“ во 2021 година го привлече вниманието на јавноста кон практиките на градежните инвеститори во Кина, откако овој банкрот доведе до домино ефект, т.е. стечај на други градежни фирми, па милиони луѓе станаа сопственици на недовршени станови.

Судбината на „Кантри гарден“, еден од последните гиганти за недвижнини во Кина на кој се гледа како на поодговорна компанија, се чини дека е предмет на лути коментари на кинеските социјални мрежи. Некои, според „Њујорк тајмс“, се запрашале што се случило со парите што многу купувачи им ги дале на градежниците, бидејќи има малку готови станови, пренесува Б92.