Пропаѓа ли пропаѓа турската лира
Од почетокот на годинава лирата загуби 50 отсто од својата вредност
Турската лира дополнително падна во петокот, губејќи дури 6 отсто од својата вредност, објави Ројтерс.
Валутата се тргуваше на ново рекордно ниско ниво од 16,69 во однос на доларот.
Лирата изгуби повеќе од 50 отсто од вредноста оваа година, вклучително и 50 отсто само во последните 30 дена, откако централната банка почна да ги намалува каматните стапки по налог на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Централната банка вчера повторно ги намали каматните стапки откако нејзиниот Комитет за монетарна политика одлучи да ја намали референтната стапка од 15 на 14 отсто и покрај зголемената загриженост за инфлацијата.
Инфлацијата се забрза на 21,3 отсто во ноември и се очекува дополнително да се зголеми во наредните недели, што ќе ги намали платите и заштедите на обичните граѓани.
Сепак, Ердоган притиска за неортодоксна економска позиција дека повисоките каматни стапки поттикнуваат пораст на цените, истовремено предупредувајќи дека Турција мора да се обиде да ја намали својата зависност од странски инвестиции.
Минатиот месец турскиот претседател рече дека неговата земја се соочила со „економска војна за независност“, според провладиниот весник „Дејли сабах“.
„Со оглед на тоа што Ердоган изгледа сѐ повеќе закоравен во неговиот став против каматните стапки, толку подолго трае валутната криза, Турција може да биде надвор од точката од која нема враќање“, изјави Патрик Куран од „Телимер“ за Ројтерс.
„Сè додека Ердоган ја води оваа политика, нема ништо што ќе ја спречи лирата да продолжи да депресира“, додаде тој.