Пропадна средбата во Белата куќа, и Хоти не оди во Вашингтон


По претседателот на Косово, Хашим Тачи, и премиерот Авдулах Хоти ја откажа посетата на Вашингтон и средбата со српскиот лидер Александар Вучиќ во Белата куќа.

„Поради новонастанатата ситуација во Приштина како резултат на поднесувањето на обвинението од Специјалното обвинителство морам да се вратам во својата земја и да се грижам за работите. Го известив Гренел дека не можам да присуствувам на состанокот закажан за 27 јуни во Белата куќа“, напиша Хоти на Твитер, а пренесува порталот „КоССев“.

Косово, а и светската јавност, ги потресе веста дека специјалниот обвинител Џек Смит му предал на судот во Хаг обвинение против Хашим Тачи, Кадри Весели и други лица поради убивање, мачење и тепање на повеќе од 100 лица.

Како што беше наведено во соопштението, Тачи и Весели ја попречувале работата на обвинителството и спроведувале тајна кампања за укинување на законот за Специјализирани совети.