Пронајдено јајце Фаберже во запленета јахта на руски олигарх
Она што би можело да биде бесценето јајце Фаберже е пронајдено на суперјахтата на руски олигарх, запленета од американските власти, што е еден од пољубопитните предмети откриени во досегашните истраги поврзани со санкциите.
Заменик-јавниот обвинител на САД, Лиза Монако, на безбедносниот форум во Аспен во средата изјави дека тоа е едно од „поинтересните“ откритија што ги направил нејзиниот тим.
„Да дојдеме до сочните работи: јахтите“, рече таа на форумот посветен на дискусија за улогата на органите за спроведување на законот во замрзнувањето и запленувањето на руските средства. „Пронајдовме некои навистина интересни работи… на една од овие [јахти] пронајдовме Фаберже – или наводно Фаберже јајце – така што станува сè поинтересно“.
Монако не прецизираше точно на која јахта се мисли, но рече дека моментално била закотвена во заливот Сан Диего, откако исплови од Фиџи минатиот месец.

Јахта вредна 300 милиони долари наречена „Амадеа“ беше отпловена од американските службеници за спроведување на законот од Фиџи до Сан Диего кон крајот на минатиот месец, по опсежна правна битка.
Јајцата од Фаберже станаа симбол за раскош и луксуз откако рускиот цар Александар III во 1885 година нарача од младиот златар да направи едно како подарок за неговата сопруга Марија. Тоа стана традиција на Романови во следните три децении. Фаберже создал само 50 јајца за царското семејство и не преживеале сите.