Пронајдени првите исчезнати по уривањето на мостот во Балтимор


Спасувачите од градот Балтимор успеале да ги пронајдат првите исчезнати лица по уривањето на мостот кога во него удрил брод.

„Две лица се извлечени од водата по уривањето на мостот“, изјави шефот на противпожарната служба, Џејмс Валас.

Тој рече дека едно лице е во тешка состојба, а другото не е тешко повредено.

„Едно лице одбило услуга да биде транспортирано, во суштина тоа лице не е повредено. Меѓутоа, имало уште едно лице, кое е пренесено во локалниот центар за траума, кое е во многу тешка состојба“, објасни тој.

Валас рече дека властите можеби бараат седум лица, но додаде дека таа бројка може да се промени.

Сепак, претходно, Кевин Картрајт од противпожарната служба на градот Балтимор рече дека спасувачите трагаат по најмалку 20 луѓе во реката.

Товарнен брод удрил во мостот по што се запалил и потонал. Неколку возила паднале во реката, јавува „Телеграф.рс“.

Бродот удрил во еден од потпорните столбови на мостот, при што неговата метална конструкција се урнала, а бродот се запалил и потонал, јавува „Асошиетед прес“.

Зошто бродот удри во мостот?
Сингапурски експерт за бродови, кој многупати пловел со товарни бродови низ пристаништето Балтимор, зборувал за Би-би-си.

„Бродот штотуку ги напушти пристаништето и скршна пред да удри во мостот“, рече тој.

Откако го виде видеото, тој рече дека има неколку можни причини:

– Главен дефект на моторот
– Неуспех на системот за контрола
– Неуспех на генераторот
– Можност за пилот/човечка грешка
„Тоа е необичен пресврт. Пред да заплови бродот, ние сме должни да ги извршиме сите проверки на сите елементи на бродот. Тоа е дел од она што се прави пред поаѓање. Ако сè беше направено, нешто очигледно беше занемарено“, рече експертот кој сакаше да остане анонимен.

„Овие бродови се толку огромни што дури и ако брзината е мала, силата би била огромна“, додава тој.

Тој се прашува и кога последен пат била проверена конструкцијата на мостот. „Имајќи пристаниште веднаш до мостот под кој постојано минуваат бродови, мораше често да се проверува“, вели тој.

За каков мост се работи?
Мостот „Френсис Скот Ки“ е долг 2,6 километри и е главна артерија на пристаништето Балтимор.

Ја премостува реката Патапско. Отворен е во 1977 година и е именуван по авторот на американската химна Star Spangled Banner.

Годишно низ него минуваат 11,5 милиони возила.

Каков брод удри во мостот?

Се работи затоварниот брод „Дали“, кој плови под знамето на Сингапур, а товарен е со многу контејнери.

Првиот брод кој пристигнал на местото на несреќата десет минути подоцна бил шлеперот „Ерик Мекалистер“, кој бил во пристаништето. Нему му се придружи уште еден шлепер „Бриџит Мекалистер“ и брод за пребарување и спасување околу 25 минути по несреќата.

Сега повеќе од 10 бродови се вклучени во спасувачката операција.