Пронајдени касетни бомби и мини од НАТО на аеродромот во Подгорица


На територијата на Голубовачко поле, особено во делот на аеродромот во Подгорица, пронајдени се голем број касетни бомби на НАТО, а според најновиот извештај, до пред 15 дена на аеродромот се најдени и уништени најмалку 28 такви бомби и минско-експлозивни средства.

Направите се пронајдени во близина на пожарникарската зграда и летната писта на цивилниот аеродром.

– Вистинска среќа е што до денеска никој не настрада, со оглед на тоа што се знае дека работници во близина на аеродромот на Црна Гора ги одржуваат зелените површини околу стазите, пишува подгоричкиот весник „Дан“.

Се стравува дека на споменатото подрачје и понатаму се наоѓаат десетина касетни бомби и мини од времето на НАТО бомбардирањето на СР Југославија во 1999 година.

Експерти од странство се вклучени во откривање и деминирање на касетните бомби. Деминирањето се врши рано наутро или кога нема летови.

Владата на Црна Гора, како што се наведува, беше запознаена дека на аеродромот во Подгорица и околината има голем број заостанати касетни бомби, иако војската и полицијата претходно вршеа таканаречено воено деминирање.