Пронајдена исчезнатата Бугарка на Шар Планина


Пронајдена е 37-годишната државјанка на Република Бугарија, која синоќа беше пријавена за исчезната на Шар Планина.

Според информацијата од Центарот за управување со кризи (ЦУК), жената била дел од група од четири странски државјани кои се упатиле кон Титов Врв. Тројцата членови на групата се вратиле во вечерните часови, но констатирале дека 37-годишната жена не се вратила со нив и немале информации каде се наоѓа.

По пријавувањето веднаш била започната потрага, која ја координирал ЦУК со надлежните институции и екипите на терен.Во акцијата биле вклучени припадници на Специјалните единици од Скопје, Полициската станица Попова Шапка, ЈУНП „Шар Планина“ и ДЗС – ПО Тетово. Во потрагата биле употребени и два дрона со термални камери, полициски хеликоптер „Бел 212“ и спасувачки тим од САЕ „Тигар“.

Денеска во 14:50 часот жената била пронајдена во село Горна Лешница, во добра здравствена состојба, информира ЦУК.